Драги читатели на „Колибри“, од денеска ја воведуваме новата рубрика „Песни кратки – за плодови слатки“, која ќе можете да ја читате секој вторник. Целта ни е преку песнички и преку фотографии да ве запознаеме со различните овошни и зеленчукови растенија што ни се потребни и корисни во исхраната. За некои од нив сигурно знаете, за некои ќе научите, а некои што досега не сте ги јаделе можеби оваа рубрика ќе ви помогне да ги пробате и да се уверите во нивниот пријатен вкус. Бидејќи нема добар лекар друг, како д-р Овошје и д-р Зеленчук.

Спанаќот е едногодишно зелјесто растение. Во исхраната се користат неговите листови. Најчесто се консумира како течна чорба, во која тој е сварен или, пак, потпечен во тавче. Најпознатиот морнар во светот, Попај Морнарот од истоимениот цртан филм за деца, јадеше спанаќ и затоа секогаш имаше силни мускули и можеше да се одбрани од секого.

Можете да го купите од маркет или од пазар, а зошто да не, може и да го одгледувате сами, во дворот, па дури и во поголема саксија на терасата или на балконот. Семе можете да најдете во земјоделска аптека. Прашајте ги вработените во аптеката како да го посеете и како да го негувате. Замислете си оброк со потпечен спанаќ со јајца, со оривче и како додаток кисело млеко. Па, уште ако е и спанаќ од вашата градина, на радоста ќе ѝ нема крај.
На здравје, другарчиња.


СПАНАЌ

За мускули силни и убава кожа,
еве порака – ти спанаќ земај,
за цврста коса и здрави нокти,
јади спанаќ и гајле ти немај.
– Спанаќ, ах, само спанаќ!
Брат ми Иле протестира
Спанаќ на менито го нервира.

А во него има витамин Ц и А
Разни минерали, железо цел куп,
не за џабе спанаќот го нарекуваат
– крал на пролетниот зеленчук.


Треба да се знае
Сѐ што јадеш,
јади умерено.
Свежо е најдобро.
Имам проверено.


Останала поука
од памтивек,
здравата храна
е и храна и лек!


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа, тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“ и „Заедно да растеме“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.

Ваш Филип Димкоски