Како да се вметнат на листата на приватните летови пред забраната за патување од Европа кон САД што стапува во сила денес на полноќ, претставува најголем проблем на богатите ширум Стариот Континент, пишува „Гардијан“.
Луѓето во Европа ангажираат приватни авиони и плаќаат големи суми за билети во последен момент, во обид да ја победат забраната за летови на Доналд Трамп – иако се чини дека многумина американски државјани се збунети околу тоа дали би биле опфатени од забраната.
Суспензијата со која се забранува влез на патници од 26 европски земји во траење од 30 дена, стапува во сила денес на полноќ.
– Морав да го сменам билетот и да патувам порано, затоа што во спротивно ќе ја најдам границата затворена – изјави Шпанецот Мигел Паракуелос кој работи во САД, додека беше на аеродромот „Барахас“ во Мадрид.
Новинарот на „Њујорк Тајмс“, Мајк Мекинтаер, вели дека купил билети „кои чинат повеќе од неговата месечна хипотека“ за да лета од Париз до САД, пред неуспешниот обид за враќање на билетите, откако открил дека забраната не се однесува на него.
Тој додал дека агент за билети за „Делта ерлајнс“ на аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз, му рекол дека друг Американец платил 20.000 долари за карта, по говорот на Трамп.
Во меѓувреме, приватните авионски оператори пријавија зголемен број на резервациите.
Адам Твидел, главен извршен директор на приватниот сервис за резервации на авиони „Прајват Флај“, додава дека има значителен скок во резервациите во последен момент, од Американците во Европа кои се обидуваат да летаат назад кон САД.
Тој информира и за богатите американски државјани со живеалишта во Европа, кои исто така, сакаат да резервираат карти во Велика Британија, бидејќи таа дестинација е ослободена од американската забрана за патување. Некои се надеваа дека ќе ги водат своите европски бизниси од Лондон, заклучил Твидел.