Предвидениот период за издавање на изводите од матичната книга на родените, за кој вработените во службата информираат дека е седум работни дена, дури и кога ќе се испочитува, сепак, за граѓаните е предолг за да се добие основен документ неопходен за споредување различни процедури
Дали кризата со издавање лични документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи) се проширува и на издавањето изводи од матичните книги? На ова прашање, во текот на вчерашниот ден, не успеавме да добиеме официјален одговор од Управата за водење на матичните книги, под надлежност на Министерството за правда, иако беше упатено од редакцијата на „Нова Македонија“ врз основа на конкретни сознанија.
Имено, барање за извод од матичната книга на родените, поднесено пред две седмици, не беше подготвено за издавање во подрачната единица на Управата, во Општина Чаир. Предвидениот период за издавање на изводите, за кој вработените во службата информираат дека е седум работни дена и, според граѓаните, секако, е предолг за да се добие основен документ неопходен за спроведување различни процедури. Но иако соговорникот на „Нова Македонија“ остави и подолг период за подигање на документот, тој до вчера сѐ уште не беше изработен. Вработените во подрачната единица немаа информации за причините за застојот во издавањето, само искоментираа дека речиси триста барања, поднесени последниве три седмици, не биле реализирани од „централата“.
– Пред две седмици поднесов барање за издавање извод од матичната книга на родените, кој ми е неопходен за регулирање на здравственото осигурување. При поднесувањето на барањето, вработените во подрачната единица ми рекоа дека најмалку седум работни дена треба да чекам на изводот. Но ниту по 14 дена изводот не беше готов, а вработените не можеа да ми кажат ниту кога тој би требало да биде изработен. Не сум сигурна колку беа сериозни, но ми рекоа дека ако бевме во ЕУ, изводот ќе го добиев истиот ден – објасни нашиот соговорник.
Инаку, во последниве две-три седмици, во Скопје, барањата за издавање документи од Управата за водење на матичните книги се поднесуваат во подрачните единици во скопските општини, бидејќи т.н. „централа“, во старата зграда на Комерцијална банка, се реновира. За ваквите „детали“ околу промената на локацијата за поднесување барање за изводи од матичните книги, најчесто информацијата се добива на самото место што се реновира, по што секако треба да се упатите кон најблиската општина.
Сепак, ниту една скопска општина не е толку блиску до централната локација на Управата за водење на матичните книги, па тоа обично значи дека за истата административна потреба, треба да издвоите време и во некој друг работен ден, зашто матичната служба сепак не работи за викенд.
Во практиката, најавата за добивање документи преку опцијата е-услуги, кога станува збор за изводи од матичните книги, воопшто не функционира, така што за добивање на овие документи граѓаните се упатени исклучиво на конвенционалниот начин на подигнување, односно на шалтер. Изводите од матичните книги секогаш се основниот документ за поведување каква било правна процедура за докажување при остварување одредено право (од право на здравствено осигурување, оставински постапки, но и за подигнување кредити…), па одолжувањето со издавањето на првичниот документ, уште на почетокот ги комплицира и така вообичаено долгите правни процедури.
Секој проблем со добивањето лични документи, дополнително се проблематизира и политизира, кога се случува во време на предизборие и ги поттикнува шпекулациите за манипулација со остварување на правото на глас. Секако, во прилог на сомневањата оди и ненадминатата состојба со недостиг од обрасци за пасоши и за други документи за идентификација, иако нивното издавање е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
Независно дали се работи за материјален недостиг за изработка на документи, или за меѓусебни политичко-институционални подметнувања, во секој случај граѓаните се тие што се соочуваат со неможноста или со отежнатото остварување на своите права и обврски.