Новиот мост на реката Брегалница во Штип е веќе пуштен во употреба и ги спојува населбите Пребег и Сењак. Само металната конструкција на мостот е со тежина од 240 тони, а заедно со сите други елементи објектот има тежина од 670 тони. Мостот е со две коловозни ленти, тротоар за пешаци, должина од 60 метри и широчина од 10 метри. Заедно со овој мост е изградена и сообраќајница, која завршува со кружен тек на булеварот Гоце Делчев, во должина од 1.200 метри. Станува збор за асфалтна површина од 8.400 квадратни метри. Целата инвестиција на улицата, мостот, кружниот тек и уличното осветлување изнесува нешто над 60 милиони денари, пари издвоени од буџетот на Општина Штип. Мостот го доби името „Иднина“ и претставува крупен капитален проект за општината.
Од локалната самоуправа сметаат дека мостот значително ќе придонесе за олеснување на протокот на работници и студенти од своите домови до работните места или до местата за студирање. Надлежните велат дека квалитетната инфраструктура има најважна улога за економскиот развој на една општина, но и за животот на граѓаните.