Во Австралија дојде до недостиг од тоалетна хартија поради преголемата побарувачка за овој артикл, предизвикана од коронавирусот, па некои весници одлучија самите да послужат како тоалетна хартија за верните читатели! Австралискиот таблоид „НТ њуз“ повлече необичен потег, објавувајќи одреден број празни страници за да им послужат на читателите, кои се жалат дека немаат доволно резерви од тоалетна хартија.
– Објавивме специјален прилог од осум бели, празни страници перфорирани на краевите за да може лесно да се искинат и да послужат во итен случај – напиша уредништвото на таблоидот од централата во Дарвин.
Во Австралија, до крајот на минатата недела се забележани шеесетина случаи на коронавирусот. Растот на бројот на заразени предизвика паника меѓу купувачите, кои во одредени супермаркети ја разграбаа тоалетната хартија, па трговскиот синџир „Вулвортс“ повлече несекојдневен потег – ја ограничи продажбата на овој артикл. Покрај фотографиите од празните полици на социјалните мрежи, супермаркетите објавија и соопштенија во кои ја смируваат јавноста, тврдејќи дека ги преземаат сите потребни мерки за да бидат добро снабдени. Освен тоалетна хартија, од полиците исчезнаа и заштитни маски и гелови за дезинфекција.