Литванија и Русија се на врвот на листата по бројот на извршени самоубиства. Мал број самоубиства имаат Бахамите, Јамајка и уште неколку островски земји од областа на Карибите, како и во земјите во кои се водат војни
Самоубиства се случуваат насекаде низ светот, ги извршуваат лица од сите националности, култури, религии, полови и класи. Статистиката покажува дека земјите со највисока стапка на самоубиства се неверојатно различни едни од други. На пример, меѓу топ пет земји со најголем број самоубиства се Литванија, каде што има 31,9 самоубиство на 100 илјади жители, Русија со 31, американската држава Гвајана со 29,2 и Јужна Кореја со 26,9 самоубиства на сто илјади жители. И други европски држави исто така се наоѓаат високо на листата, како што е Белорусија со 26,2 самоубиства на сто илјади жители. Единствена западноевропска држава што се наоѓа високо на листата е Белгија, која има 20,7 самоубиства на сто илјади жители. Но во оваа држава статистиката ги бележи и случаите на еутаназија.
Карибите со најмал процент
Можеби изненадувачки, но земји опфатени со војни, со низок стандард и голем број болести во светот, имаат најмала стапка на самоубиства во споредба со земјите каде што животот е значително подобар. Кралството Бутан, кое е познато по мерењето на колективната среќа на жителите, има стапка на самоубиства од 11,4 на сто илјади жители. Може да личи на црн хумор, но во Авганистан, на пример, каде што четириесет години се водат војни, има само 4,7 пријавени самоубиства на сто илјади жители, Ирак има три, а Сирија само 1,9 самоубиство. Најмал број самоубиства се забележани во земјите на Карибите, Бахами, Јамајка, Гренада, Барбадос, Антигва и Барбуда, каде што таа статистичка бројка е под еден отсто на сто илјади жители.
Според податоците на Светската здравствена организација, стапката на самоубиства во Јужна Кореја е меѓу десетте највисоки во светот. Еден од најголемите фактори што се причина за посегање по сопствениот живот е староста. Таму, традиционално, од децата се очекува да се грижат за своите родители кога ќе остарат, но бидејќи тој однос на родители и деца е речиси исчезнат, многу стари лица го завршуваат животот по сопствена волја. Од една страна поради тоа што се чувствуваат напуштено, а од друга за да не им бидат некаков финансиски товар на своите деца.
Необично е што, освен постарите, и студентите котираат високо на скалата на самоубиства. Тоа е така затоа што родителите вршат голем притисок врз децата да завршат факултет со високи оценки. Кога студентите не ги реализираат високите стандарди што ги поставиле нивните родители, тие сметаат дека ги разочарале, па извршуваат самоубиства. Употребата на алкохол, недостигот од сон, стресот и слабите или никакви социјални врски само дополнително го зголемуваат ризикот од посегнување по својот живот кај не многу мал број студенти.
Еден од најчестите начини за да му се стави крај на животот е задушување со јаглерод моноксид, но доста од оние што решиле да го сторат тоа често скокаат од мостови. Мостот во главниот град Сеул го има добиено името „Мост на смртта“, или „Самоубиствен мост“, токму поради тоа што голем број лица се фрлиле од него. Владата на Јужна Кореја, која сериозно го има сфатено овој проблем, прави напори да го намали бројот на самоубиства преку едукација, но и пристап до психолози и други стручни лица што им помагаат на ризичните категории.
Јужна Кореја и Јапонија при врвот
Во јапонската култура, самоубиството во одредени случаи долго време се сметало како чесен начин да се умре. Вековните ритуални самоубиства во оваа земја му се познати на светот под името „харакири“, кога со меч се распорува сопствениот стомак. Примерот на камикаѕите за време на Втората светска војна, кои со своите авиони удирале директно во цели на непријателот, сведочи дека многумина млади Јапонци за најголемо животно достигнување го сметале умирањето за татковината.
Но денес самоубиствата на разни начини достигнуваат алармантно ниво, и тоа кај генерации од кои не би се очекувало такво нешто. Мажите од 20 до 24 години се на врвот на листата на лица што се самоубиле, додека пак кај жените возраста е вчудовидувачка и е од 15 до 34 години. Мажите се посклони на самоубиство по развод за разлика од жените. По нив се мажите што останале без работа и не можат повеќе да печалат за своите семејства. Можеби чувствуваат дека ги разочарале семејствата и дека самоубиството е чесен начин да се справат со ситуацијата. Исто така, многу возрасни лица се самоубиваат веднаш по пензионирањето.
Шумата Аокигахара е шума на самоубиства, каде што стотици луѓе секоја година заминуваат за да му стават крај на својот живот. Полицијата редовно патролира во обид да ги спречи самоубијците и да ги спаси оние што веќе посегнале по својот живот.
Самоубиствата се петтата водечка причина за смрт во Кина. Во оваа земја, пак, посклони кон самоубиства се жените одошто мажите. Нивниот број е зголемен по економскиот бум на земјата и по масовното и брзо еманципирање на кинеската жена.
Соочени со големи проблеми од наглите промени, тие не може да го издржат притисокот што им се наметнува. Жителите во руралните средини се пет пати повеќе склони кон самоубиства од оние во градовите. Причина за тоа се немањето грижа за менталното здравје, сиромаштијата и ниското образование. Најголемиот број самоубиства во Кина се извршуваат со пестициди или со друг вид отрови. Како една од причините за намалување на самоубиствата се наведува тоа што осигурителните компании не исплаќаат никакви финансиски средства во таков случај ниту, пак, ги покриваат болничките трошоци доколку оние што се обиделе го преживеале самоубиството.