Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

Препораките и мерките за заштита од коронавирусот остануваат во сила и ќе се менуваат зависно од развојот на ситуацијата, иако епидемиолозите се надеваат дека со зголемување на температурите ќе се намали неговото ширење

Ако се заклучува по аналогија со вирусот на грипот, може да се очекува дека со зголемување на температурите ќе се намали ширењето на коронавирусот. Сепак, станува збор за нов микроорганизам и не знаеме дали истото тоа ќе се оствари. Ова го посочува епидемиологот Драган Даниловски, коментирајќи ја состојбата со коронавирусот во земјава, откако минатата недела, во земјава беше потврден првиот случај на заразен со овој вирус.
Препораките на Владата до организаторите на спортските настани, како и на сите забавни и културно-уметнички манифестации, тие да се одржуваат без публика траат до крајот на работната недела и сѐ уште не се знае дали ќе важат и за следната недела, а во меѓувреме, здравствените власти, како што тврдат, ја следат состојбата и уверуваат дека нема простор за стравување.
– Постојат многу непознати за коронавирусот. Сѐ уште не знаеме како ќе се однесува тој при зголемување на температурите на воздухот. Не го познаваме докрај неговото поведение, но очекуваме дека неговата силина на ширење во иднина ќе се намалува – објаснува епидемиологот Даниловски.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, вчера направија проверка на системот за превенција од коронавирус на граничниот премин Табановце.

Премиерот Спасовски посочи дека се почитуваат сите насоки дадени од кризниот штаб за контрола на секој патник што влегува на територијата на земјата.
– За одбележување е дека се обезбедени посебни соби за изолација на сите гранични премини каде што фреквенцијата е поголема. Има случаи на граѓани што биле надвор, во Северна Италија, а доаѓаат во земјава и поминуваат на граничен премин, без да почитуваат никаква препорака за заштита од коронавирусот и се појавуваат на работните места. На совеста на граѓаните е тоа, а порака до нив е дека најважен момент е самосвеста и што треба во овој момент да направиме за државата, бидејќи многу сме силни кога нешто за нас државата треба да направи – изјави Спасовски.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека првата и единствена пациентка со констатирана заразеност, хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, неколку дена е без температура и полека влегува во постабилна фаза од болеста. Исто така, нема нови пациенти што во овој момент се тестираат за коронавирусот.
– Новина е што во текот на завчерашниот ден стигнаа контролните резултати од лабораторијата во Германија со која соработуваме, кои ги потврдија сите наши тестови, сите негативни и позитивниот на пациентката, што е обврска како супервизија на работата на нашата лабораторија во рамките на Институтот за јавно здравје – посочи Филипче.
Според него, набавката на дополнителна заштитна опрема е во тек, а дезинфекциските средства ќе бидат дистрибуирани со помош на локалната самоуправа во основните училишта.
Во регионот, засега е детектирано и деветтото лице заразено со коронавирусот на просторот на Хрватска, а седум се потврдени во Грција.
Инаку, според последните информации, од ковид-19, досега во светот се заразени над 90.000 лица, а животите ги загубиле 3.116 лица.


Стапка на морталитет кај пациенти со коронавирус

Луѓето на возраст над 60 години и оние со нарушено здравје се под најголем ризик од коронавирусот. Ова е заклучокот од истражувањата што ги правел Кинескиот центар за контрола и спречување на болести, а ги соопшти Светската здравствена организација.
Во првото големо истражување на случаи на коронавирус во Кина, стапката на смртност беше многу повисока за пациентите во нивните 70-ти и 80-ти години, веројатно затоа што многу од тие луѓе имале постојни здравствени проблеми.
Пациентите со коронавирус и со срцеви заболувања, на пример, имале стапка на смртност од околу 10 отсто, додека кај оние со дијабетес таа изнесувала седум отсто. Истражувањето покажало и дека кај пациентите во своите 50-ти години околу трипати била поголема веројатноста да умрат од оние во нивните 40-ти.
Околу 80 отсто од инфекциите со коронавирус биле благи, според анализата на повеќе од 44.000 потврдени случаи.

 

[email protected]