Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска го прими амбасадорот на Република Франција во нашата земја Кристијан Тимоние.
Амбасадорот Тимоние на средбата рече дека Франција со оптимизам гледа на извештајот, како и на методологијата за проширување како охрабрувачка основа за донесување одлука за старт на преговорите на ЕУ со Македонија.
На честитките за позитивниот мини извештај на Европската Комисија за значителниот напредок на нашата земја, премиерот Спасовски на средбата истакна дека извештајот завршува со уште една препорака за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, и дека тоа е резултат на посветената работа и во периодот на актуелната Влада, во кој се затворија неколку важни реформски прашања, меѓу кои и пакетот закони за правосудството.
Спасовски изрази благодарност до сите што учествуваа во процесот за да се остварат постигнувањата констатирани во извештајот на Европската Комисија, особено до земјите членки на ЕУ и пријатели на Македонија кои го охрабруваат мерит системот во оценките за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ.
На средбата беше потенцирано дека извештајот, заедно со новата методологија за проширување му дава на процесот на преговори и на пристапување кон членство во ЕУ кредибилност и претставува добра порака за регионот.
Спасовски: очекувам брзо да ги почнеме преговорите
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски смета дека Извештајот на Европската комисија е феноменален, бидејќи се потврдени напорите на Македонија во спроведувањето на реформите. Извештајот е фокусиран на судските реформи, судењата на висока корупција заедно со случајот со СЈО, безбедносните и реформите во јавната администрација. Токму овој извештај е основата врз која земјите членки на ЕУ ќе одлучат дали ќе одобрат почеток на пристапни преговори.
– Извештајот на Европската комисија е феноменален, како на друг начин да го искоментирам. Ги потврдува напорите на Владата, каде децидно стои дека се зајакнати напорите во спроведувањето на реформите. Дадени се најпозитивни оценки за Северна Македонија. Преземени се сите мерки кои требаше да бидат преземени во реформскиот процес и очекувам час поскоро да ги почнеме преговорите со Европската Унија – смета Спасовски.
Според него, по педесет години транзиција, очекува граѓаните да го добијат она што го заслужуваат а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија.
– Денеска, кога сите земји членки на ЕУ укажуваат дека е направено се што треба да биде направено, логично е да очекувам да ги отпочнеме проговорите со ЕУ – додава Спасовски.
Документот од Европската комисија заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Македонија.