Русија и Турција се согласија да ги намалат тензиите на теренот во покраината Идлиб во Сирија каде се во тек воените дејствија, соопшти руското Министерство за надворешни работи по неколкудневните разговори со Анкара.
        
– Разгледани се конкретни чекори за постигнување трајна стабилност во зоната на деескалација на Идлиб – се вели во соопштението.
        
Според изјавата, „двете страни ја потврдиле целта за намалување на тензиите на теренот додека траат борбите против терористите“.
        
Министерството за одбрана на Турција соопшти доцна синоќа дека еден турски војник е убиен, а двајца се ранети во сириско гранатирање. Ова уследи по смртта на 33 турски војници во воздушните напади во Сирија кои се случија во четвртокот.
        
Во соопштението се вели дека турските сили биле на мета на сириските трупи и дека голем број сириски трупи биле „неутрализирани“. Илјадници турски војници се распоредени во области кои се под контрола на бунтовниците во сириската провинција Идлиб, во кои се најсилни милитантите поврзани со Ал Каеда.