Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека им е благодарен на САД за доставувањето информации до Русија, кои го спречија терористичкиот напад на земјата кон крајот на 2019 година. Според Путин, благодарение на информациите од ФБИ, руската полиција уапсила двајца припадници на Исламската држава, кои планирале напади за новогодишните празници. Тој додал дека Русија ќе одговори на таа учтивост и ја истакнал важноста за соработката со колегите од странство.
Мелбурн – Две лица загинале, а повеќе се повредени кога патнички воз излетал од шините во близината на Мелбурн. Несреќата се случила на околу 50 километри од Мелбурн. Возот, во кој се наоѓале околу 160 патници, патувал од Сиднеј за Мелбурн. Локалните медиуми јавуваат дека по инцидентот, најмалку пет лица биле хоспитализирани.
Брисел – Европскиот авијациски концерн „Ербас“ најави дека ќе укине повеќе од 2.300 работни места во одделот за вселенско истражување и воена опрема до крајот на 2021 година. Овој оддел произведува воени авиони, беспилотни летала и сателити и генерира околу една петтина од вкупниот приход на групацијата.
Во него се вработени 34.000 лица, од кои 13.000 во Германија. Најавени се укинувања на вкупно 2.300 работни места, односно 829 во Германија, 630 во Шпанија, 404 во Франција и 141 во други земји.
Вашингтон – Дебатата на шесте демократските претседателски кандидати во Невада се претвори во бојно поле на критики и лични пресметки, истакнувајќи ја сериозноста на прашањето, дали вакви дебати можат да им помогнат на демократите да најдат соодветен кандидат против републиканецот Доналд Трамп. Сопственикот на медиумската империја и милијардер, Мајкл Блумберг најмногу беше на удар. Тој е еден од најбогатите луѓе во САД и досега потроши речиси половина милијарда долари за реклама и кадар вработен во кампањата, за да ја зголеми својата популарност на национално ниво. Ова беше прво учество на Блумберг на дебатите што ги организира Демократската партија.