Македонија изоде долг пат и направи голем скок во интегративните процеси, што го потенцира нашиот кредибилитет како полноправен член на НАТО алијансата во блиска иднина. Се надеваме на членство во НАТО, кое ќе биде признание на нашите напори и ќе ја зајакне безбедноста во регионот.
Ова им го порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, на состанокот во Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел, предводен од генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Таа потенцира дека Македонија заслужува да стане 30. членка на НАТО.
– Внесовме нов дух во односите со соседите. Отворивме дијалог и ги решаваме сите спорни прашања. Потпишавме договор за добрососедство и пријателство со Бугарија и сме на пат да го решиме 27 годишниот спор за името со Грција. Немаме други незатворени билатерални или гранични прашања, порача Шекеринска.
На состанокот на НАТО предводен од Столтенберг во чиј фокус беше мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката рече дека Македонија од почетокот на 2018 година го зголеми своето учество и дека поддршката ќе продолжи.
Шекеринска ги информираше министрите и генералниот секретар на НАТО дека новата демократска влада во Македонија превзеде сериозни реформи во сите области вклучително и во одбранбениот сектор.
Во пресрет на Самитот на НАТО, закажан за 11 и 12 јули во Брисел, Шекеринска имаше средби со колегите Германија, Белгија, Холандија.
Од нив побара поддршка за членство на Македонија во НАТО, посочувајќи дека сегашниот момент не треба да се пропушти бидејќи таква можност нема да се повтори во скоро време.
На средба со германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лејен беше заклучено дека соработка меѓу двете земји е на високо ниво и со взаемно разбирање. Шекеринска се заблагодари за континуираната поддршка од Германија во реформските процеси во одбраната и за влез во НАТО.
На средбата со министерот за одбрана на Белгија Стивен Вандепут беше потврдена високата соработка и беше заклучено дека таа треба да се продлабочува и унапредува во континуитет.
Во разговорот со министерката за одбрана на Холандија Анк Билјевелд-Шоутен, Шекеринска изрази задоволство од холандската поддршка за членство на Македонија во НАТО и ја истакна подготвеноста за интензивирање на соработката.
Попладнево Шекеринска ќе се сретне со италијанската министерка Елизабета Трента.
Министерката разговараше и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО.