Зоран Заев сака ги да избегне сите скандали и одговорност. Не е до законот за јавно обвинителство, туку до анкетите за разнишаниот рејтинг, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој регираше на вчершната изјава на Заев дека ако опозицијата го минира законот за ЈО, Собранието нема да се распушти.
Мицкоски кажа дека неговата партија не отстапува од договорот за избори и ќе поднесе иницијатива за распуштање на Парламентот. Воедно порача дека ако нема избори на 12 април, државата ќе западне во нова политичка криза.
– На овој начин сака да ги одложи изборите и да избегне одговорност. Сака еднострано да донесе закон наспроти забелешките на правните експерти. Законот го користи како изговор да избега од избори. Првин за шпанската ратификација, па за марихуаната, сега за јавното обвинителство – рече во своето обраќање Мицкоски кој порача дека Македонија не смее да биде држава на суети и заложник на политичките интереси на власта.
Како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се обликува закон кој ќе ги штити интересите на партиски челници.
– Не сме против носење на овој закон, но бараме да биде со консензус и во согласност со забелешките на правните ексерти. Еве експертите нека изготват решение и ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ќе го поддржи. Да се однесувсме зрело и одговорно. Предлагаме тим од експерти од областа на казнено и уставно право, Тупачевски, Силјановска, Камбовски, Калајџиев, Каракамишева и Гордана Лазетиќ Бужаровска. Да престснеме со притисоци во законодавниот дом, чуму ни се избори ако со притисок се боксуваат законите – запраша Мицкоски додавајќи дека неговата патија ќе го прифати законското решение изготвено од експертите.
Но тој порача и дека ваков каков што е сега предлогот за законот, нема да добие поддршка од опозицијата.
– Ако решат со притисоци да го туркаат, со собирање на мнозинство, тоа е туркање со сила на законот. Овој закон не нуди решенија, правен е за одредена група луѓе да избегнат одговорност. Но, ако го изготват експертите, еве без да го гледаме законот што ќе го направат експертите ние ќе го поддржиме – кажа Мицкоски.