Фото: Игор Бансколиев

По топлиот и сушен јануари и сличните временски услови на почетокот на февруари,
агрометeоролозите предупредуваат дека иако сѐ уште има време да се спасат
земјоделските култури, сепак, состојбата е многу сериозна бидејќи недостигот
од вода во почвата веќе го спречува нормалното развивање на вегетацијата

Невообичаено високите температури и недостигот од врнежи од дожд и снег можат да предизвикаат сериозни штети во земјоделството, особено ако се задржи сувото време и продолжи недостигот од вода во површинските и подлабоките слоеви од земјата. Агрометeоролозите предупредуваат дека иако сѐ уште има време да се спасат земјоделските култури, сепак, состојбата е многу сериозна и недостигот од вода во земјата го спречува нормалното развивање на вегетацијата.
– Први на удар од високите температури се житните култури, особено во Пелагониската и Овчеполската Низина, бидејќи има изразито голем недостиг од вода. Состојбата се граничи со катастрофална бидејќи подникнатите култури се жолтеникави, се сушат поради недостиг од вода. Ако во изминатиот бран во Скопје наврнаа десетина милилитри вода на квадратен метар, во Овче Поле и во Битола имаше само по 2 милилитри. Тоа е далеку под просекот и недоволно да се навлажни земјата – објаснува агрометeорологот од Управата за хидрометеоролошки работи Ангелко Ангелески.
Тој додава дека во површинските слоеви на земјата нема вода, додека во подлабоките има, но корењата на засеаните култури не се толку длабоко навлезени за да можат да црпат од подлабоките резерви на вода. Според него, уште попроблематично е што нема опции за наводнување на посеаните култури.

– Наводнување во овој период од годината немаме, не се користат системите, но уште полошо е што немаме ниту резерви на вода во вештачките езера. Калиманци, Тиквешко Езеро, Мантово… се скоро целосно испразнети и ако не наврне вода ќе стане уште полошо. Во овој период и со ваков недостиг од вода не се препорачува ниту прихрана на културите. Се надевам дека промената, која се очекува од утре, ќе донесе повеќе вода, но, за жал, не се очекуваат поголеми врнежи од дожд или снег, туку повеќе пад на температурите – истакна Ангелски.

Тој појаснува дека неколкудневните високи температури не предизвикаа овошките и виновата лоза да почнат со вегетација, а најавеното заладување нема да резултира со замрзнување на овошјата. Сепак, доколку прогнозите за пад на температурите не се остварат и ако продолжи затоплувањето, први со растење ќе почнат коскестите овошја, како што се кајсијата, сливата и бадемите, така што при евентуални натамошни заладувања, постои опасност нивните цветови во раната фаза да измрзнат.

– И минатата година имавме суша во јануари и февруари, но сепак, во март имаше доста врнежи, па се спаси сезоната, односно се спасија насадите со житни култури. Важно е во следниов период да имаме врнежи, да се навлажни земјата, но и да се наполнат реките и езерата. Во спротивно ќе биде лошо за сите култури и за луѓето.

Ако продолжи сушата и во февруари, ќе биде многу лошо за пченицата, а лошо ќе се одрази и на плановите за пролетните сеидби. Колку за споредба, само ќе посочам дека иако јануари е сушен месец, сепак, во овој период сме имале од 34 до 58 литри вода на квадратен метар, додека во претходниот месец имавме само 8 литри на квадратен метар. Сепак, се надевам дека во февруари и март ќе има повеќе врнежи и ќе се повратат нивоата на реките и езерата – заклучува Ангелески.

Но од она што е наведено на веб-страницата на УХМР, во делот за агрометеорологија, не можат да се очекуваат значителни подобрувања.

– Од земјоделските работи на отворено остануваат: кроењето на праската и виновата лоза, додека прихранувањата на есенските посеви сѐ уште се одложуваат поради ниската влага во почвата и неможноста да се растворат арските минерални ѓубриња.

Прогнозите и за оваа седмица не нудат ништо поразлично од сегашните временски услови, со минимални утрински температури околу – 6 степени Целзиусови до 0 степени Целзиусови, и дневни температури на воздухот од 6 до 18 степени Целзиусови на почетокот на седмицата, кои во втората половина ќе опаѓаат со услови за слаби врнежи. Ваквите временски услови се невообичаени и неповолни за земјоделските култури во овој период од годината – се наведува на веб-страницата.

Агрометеорологот Ангелески истакнува дека сушната состојбата е карактеристична и за регионот, но и пошироко за цела Европа. Тој објаснува дека врнежите од дожд и снег се значително намалени насекаде, поради што има опасност од регионален и поголем недостиг од житни култури, доколку состојбите не се подобрат.

Ако продолжи сушата и во февруари, ќе биде многу лошо за пченицата
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Помалку дождови и во соседна Србија

Високите температури и недостигот од врнежи се тема на дебати и во соседните земји. Во соседна Србија, агрометеоролозите смируваат дека иако имало невообичаено високи температури, кои се повеќе карактеристични за пролетниот период, сепак, сметаат дека сѐ уште има простор за подобрување на состојбите. Агрометеорологот Срѓан Милакара вели дека појавата на епизоди со висока температура што траат неколку дена не се доволни за да се испровоцира раст кај овошните култури, и додава дека земјоделските култури се во мирување, иако температурите се невообичаени за овој период од годината.
– Во минатото веќе имаше години кога беа забележани толку високи температури, како на пример во 2007, 2008, 1989, 1990 година… Високите температури не влијаеја негативно на состојбата на зимските култури и овошје, затоа што температурите на површинскиот слој на земјата и ноќните температури во воздухот сѐ уште се ниски и соодветни за овој период од годината. Може да бидат загрозени некои овошки што рано цветаат како праските, нектарините и кајсиите, но бидејќи температурите не се многу високи и не траат долг период, не би требало да има проблем. Температурата се очекува да опадне во наредните денови, така што ќе се врати на своето место – истакна тој.


Промоција на земјоделски производи на локални саеми

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за користење техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој, за организирање и спроведување локални манифестации и саеми за промоција на земјоделски производи во Република Македонија.
Како што е наведено во соопштението, на јавниот повик можат да конкурираат единиците на локалната самоуправа, здруженија од областа на земјоделството и руралниот развој, стопански комори, земјоделски задруги, со доставување на предлог за користење на техничката поддршка до министерството.
– Максималниот износ на техничката поддршка не може да надмине 120.000 денари по манифестација и по корисник. За реализација на добиената техничка поддршка, корисниците треба да спроведат постапка за јавна набавка во согласност со прописите за јавните набавки, а во рок од десет дена по завршување на манифестацијата или саемот треба да достават извештај за реализираната активност до министерството – е наведено во соопштението испратено од министерството.
Притоа е посочено дека исплатата на техничката поддршка се врши по потпишување на договорот во износ од 100 отсто од одобрената сума, но не повеќе од максималниот износ и во согласност со одобрените средства во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.