Вкупно девет луѓе загинале во хеликоптерската несреќа во која настрадаa кошаркарската ѕвезда Коби Брајант и неговата ќерка Џиана, соопшти канцеларијата на шерифот на Лос Анџелес, а пренесуваат американските медиуми. Првичните информации сугерираа дека во хеликоптерот имало пет лица.
– Во несреќата нема преживеани. Имаме список на патници кој покажува дека имало девет лица во хеликоптерот. Пилот заедно со уште осуммина патници. Има шпекулации за нивните идентитети, но сега е неумесно да идентификуваме некој по име, додека патологот не ја направи идентификацијата и не ги извести најблиските – вели вработен во канцеларијата на шерифот.
Тој го критикуваше и таблоидниот интернет-портал Ти-ем-зи, кој прв ја објави информацијата за хеликоптерската несреќа.
– Би било навистина неумесно да разберете преку Ти-ем-зи дека вашиот сакан загинал. Тоа е навистина несоодветно. Ние нема да го сториме тоа. Затоа ќе чекаме патологот да ја заврши својата работа и им помагаме на семејствата за кои веруваме дека се погодени, а тоа е тежок процес – порача тој.
Шефот на противпожарната служба на Лос Анџелес, Дерил Осби, соопшти детали за несреќата.
– Нашите пожарникари дојдоа до местото на несреќата со медицинска опрема и противпожарни црева за гаснење на огнот на остатоците од хеликоптерот, во кој имаше и магнезиум, кој е многу тежок за гаснење, бидејќи реагира со кислородот и со водата. Покрај пожарникарите што пешачеа до местото на несреќата, пративме и хеликоптер со пожарникари-болничари. Тие ја пребараа областа за преживеани. Но за жал сите беа настрадани. Пожарникарите внимателно го гаснеа оганот за да го сочуваат местото на несреќата за истрагата, која уште е во тек – истакна Осби.
Брајант и останатите осуммина жртви ги загубија животите кога приватниот хеликоптер на поранешниот кошаркар на Лос Анџелес лејкерс се срушил во Калабасас, Калифорнија.