Реномираниот магазин „Економист“ секоја година спроведува рангирање на државите според индексот на демократија анализирајќи редица параметри. Повеќе години Македонија е ставана во категоријата на хибридни режими, од која никако не може да излезе. Во оваа група, покрај нас, се и неколку држави од Африка како Сенегал, Кенија, Танзанија, Мали… Што не врамува во таканаречениот хибриден режим и кои се причините за ова?
Во најновиот извештај на магазинот „Економист“ за индексот на владеењето на демократијата во светот и понатаму нема некој значителен скок во оцените за демократијата во Македонија. Според рангирањето на угледниот британски весник, Македонија е на 77-то место, со 5,97 поени, според индексот на демократија, (за едно место повисоко од оцената за 2018 година), но останува во групата држави со хибриден режим. Во однос на демократијата, земјава се наоѓа во иста група со Албанија, Украина, Црна Гора, Сенегал, Кенија, Танзанија, Непал, Мали, Сиера Леоне, Босна и Херцеговина, Пакистан…
Критериумите што одлучуваат за припадност во категоријата на хибридните режими, според извештајот на „Економист“, се: изборни циклуси во кои имаат значителни нерегуларности што често ги спречуваат да бидат слободни и фер, понатаму владиниот притисок врз опозициските партии и кандидати, сериозни слабости што повеќе се присутни во политичката култура, нивото на корупција што има тенденција да биде широко распространета, владеењето на правото е слабо, граѓанското општество е слабо, постои малтретирање и притисок врз новинарите, а судството не е независно. Според „Економист“, сѐ се ова критериуми што придонесуваат земјата да се рангира во категоријата држави со хибриден режим.
Просечната оцена на индексот за демократија за 2019 година е непроменета на 5,42 во однос на 2018 година, што е значително под оцената на регионот од 5,76 во 2006 година, кога започнува индексирањето.
Скалата е од нула до 10. Земјава се наоѓа во категоријата хибридни режими, која опфаќа 22,2 отсто од бројот на сите држави, со 16 отсто од вкупното население на сите опфатени 167 држави. Рејтингот се заснова на комбинација од експертски оцени и резултати од анкети во овие земји. Се земаат пет клучни показатели што укажуваат на состојбата на демократијата во државите и тоа
изборниот процес, транспарентноста на власта, учеството во политичкиот живот, политичката култура и нивото на граѓански слободи. Извештајот на „Економист“, насловен „Година на демократски назадувања и народни протести“, сумарно ги дели земјите во четири категории според типот на режимите – целосни демократии, нецелосни демократии, хибридни режими и авторитарни режими.
Во категоријата нецелосни демократии е Хрватска со 6,57 поени, која е на 59-то место (подобрување од едно место), Србија со 6,41 е на 66-то место (назадувања за пет места), додека Словенија останува на 36-та позиција со 7,5 поени.
Грција е исто така во категоријата нецелосни демократии и се наоѓа на 39-то место без промени. На самиот врв на индексот на демократија на „Економист“, како и досега, се нордиските земји. По редослед прва е Норвешка (9,87 поени), потоа Исланд (9,58), трета е Шведска (9,39), а четврт е Нов Зеланд (9,26). Финска годинава изби на петто место со 9,25 поени, што е подобрување за три позиции. Во индексот за демократија, кој се спроведува од 2006 година, како и секогаш на последно место е Северна Кореја.
Иако Македонија оваа година има напредувано во рангирањето според индексот на демократија, сѐ уште не може да го достигне нивото од 2006 година, кога првпат беше спроведено оценувањето, а тогаш беше на 68-то место. Она што повеќе загрижува е тоа што и понатаму не може да излезе од категоријата хибридни режими во која влезе во 2015 година, кога започна политичката криза, кога беше пласирана на 78-то место, за во 2016 да падне дури на 95-то место. Во меѓувреме се случија и промени на владејачката гарнитура, па индексот на демократија веќе во 2017 година се искачи за 10 места на 88-то место, во 2018 на 78-то место, а сега во 2019 г. е на 77-то место. Во годината пред почетокот на политичката криза, 2014 година, Македонија беше рангирана на 72-то место, а во годините понапред позицијата варирала од 72 до 74-то место. И понатаму останува прашањето зошто Македонија не може да излезе од категоризацијата на држави со хибридни режими.
– Очигледно не може да се очекува толку брзо да се стабилизираат демократските параметри во земјава, по периодот на политичка криза кога беше забележан најголемиот пад во индексот на демократија, но добро е што има тенденција на напредување. Слаба утеха е што и другите земји не напредувале во однос на демократијата. Освен тешкото стабилизирање по штетите за демократијата по периодот на политичката криза – тука влијае и тоа што Владата премногу се посвети на решавање на спорот со Грција, запоставувајќи ги реформите во другите сфери во општеството, како судството, администрацијата, па и во медиумите – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.
Со слично размислување е и политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој смета дека за стагнацијата во индексот на демократијата и за рангирањето на Македонија како држава со хибриден режим најмногу влијаеле широко распространетиот системски криминал и корупција, како и несредените состојби во судството и во медиумите.
Рангирање на Македонија од 2006 до 2019 г.
година место
2006 68.
2007 72.
2008 72.
2010 73.
2011 73.
2012 74.
2012 74.
2014 72.
2015 78.
2016 95.
2017 88.
2018 78.
2019 77.