Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов учествуваше на отворањето на 85-тата Зелена недела која се одржува од 17 до 26 јануари 2020 година во Берлин, под покровителство на Европската комисија – Директорат за здравје и безбедност на храна (DG SANTE).
Тема на меѓународна конференција од високо ниво е „Иднината на глобалното производство на свинско месо под закана од африканската чума кај свињите”.
Прогресивното ширење на африканската чума кај свињите (АЧС) ширум светот наметнува преземање глобални активности, па дури и поефикасна соработка и комуникација помеѓу сите релевантни чинители во областа на ветеринарната политика и безбедноста на храната. Иднината на глобалното производство на свинско месо, а со тоа и безбедноста на храната е под закана од ова заболување.
Целта на овој настан е да се поттикнат координирани глобални активности за намалување на влијанието на АЧС врз производството на свинско месо и меѓународната трговија. Конференцијата ја отвори Стела Киријакидес, комесар за здравство и безбедност на храната и Јулија Кликнер, федерална министерка за храна и земјоделство на Германија. Свое обраќање имаа и Моник Елоит, директорка на Светската организација за здравствена заштита на животните и Марија Вучкович, министерка за агрикултура на Хрватска.
Покрај министрите на земјите членки на Европската унија и на третите земји, на конференцијата присуствуваа и релевантните меѓународни организации. Главен фокус на панел дискусијата беше меѓународната соработка и размена на информации во борвата против АЧС со цел подобро справување со болеста.