Владиката Пимен и владиката Тимотеј во две одделни изјави минатата недела практично ги исцртаа позициите на МПЦ-ОА, но и открија детали како стојат работите во практика. Европскиот митрополит г. Пимен вели дека односите со СПЦ никогаш не биле полоши, додека пак дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј многу прецизно ги лоцира дворските игри на српските владици, посочувајќи дека на писмото на МПЦ-ОА испратено до СПЦ за продолжување на дијалогот, српските владици со соопштение одговориле дека дијалогот не е прекинат, но не е ниту продолжен
Македонската православна црква-Охридска архиепископија не препознава добри намери кај српските владици за решавање на македонското црковно прашање, но затоа препознава благонаклонетост од Грчката црква, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор. Но динамиката за отвореното црковно прашање во голем дел ќе зависи од судирот во православието што изминатиот период Руската црква го отвори против Вселенската патријаршија, откако патријархот Вартоломеј минатата година потпиша томос за автокефалност на Украинската црква.
Македонските владици очекуваат поддршката од Грчката црква да биде засилена и појавна во црковниот свет, откако минатата година ја признаа и автокефалноста на Украинската црква.
Со вакви генерални позиции, МПЦ-ОА ја почнува оваа 2020 година, во која очекува поместување на процесот за признавање на нејзината автокефалност, а сите надежи се свртени токму кон Вселенската патријаршија, откако се чини дека кај СПЦ нема никакви сигнали дека постои искрена желба за решение на овој проблем.
Владиката Пимен и Владиката Тимотеј во две одделни изјави минатата недела практично ги исцртаа позициите на МПЦ-ОА, но и открија детали како стојат работите во практика.
Европскиот митрополит г. Пимен вели дека односите со СПЦ никогаш не биле полоши, додека пак дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј многу прецизно ги лоцира дворските игри на српските владици, посочувајќи дека на писмото на МПЦ-ОА испратено до СПЦ за продолжување на дијалогот, српските владици со соопштение одговориле дека дијалогот не е прекинат, но не е ниту продолжен.
– Официјалните разговори меѓу СПЦ и МПЦ, во врска со српското непризнавање на автокефалноста на МПЦ, подолго време се во застој и нема никаков напредок. Имаме испратено барање за продолжување на разговорите, а оттаму во соопштение рекоа дека тие не биле прекинати. Меѓутоа, не се ни продолжени – вели г. Тимотеј, митрополит на дебарско-кичевската епархија.
Во ваква ситуација, а особено што статус кво позициите на СПЦ во поглед на МПЦ-ОА, траат со години, македонските владици надежта ја насочуваат кон Вселенската патријаршија, особено откако патријархот Вартоломеј изрази подготвеност македонското црковно прашање да го стави на дневен ред. Владиката Тимотеј оценува дека постои наклонетост од Грчката црква и од Цариградската патријаршија за тоа, но оти моментно вниманието е на спорот што го имаат тие две, пред сѐ, со Руската црква.
– Грчката православна црква има симпатии во овој момент да го решава прашањето за автокефалност на МПЦ-ОА, особено Цариградската патријаршија. Но со оглед на отворениот проблем со Руската црква и со други православни цркви што во овој момент жестоко се спротивставуваат на иницијативите или прерогативите што си ги зема цариградскиот патријарх, како прв меѓу еднаквите, сметам дека нашето прашање ќе почека, барем додека нивниот спор не се тргне од дневен ред или малку се ублажи – вели владиката Тимотеј.
Обидот да се побара помош од Бугарската православна црква, отец Тимотеј го толкува како обид за дополнителен ангажман и лобирање кај одредени поглавари за решавање на спорот.
Владиката Пимен вели дека од страна на СПЦ има тотално игнорирање на сите покани за продолжување преговори, а дека освен создавање паралелна епархија во Македонија, потсмешливи изјави на одделни нивни архијереи, дополнителни влошувања може да се очекуваат по заземањето страни во онаа студена војна меѓу Москва и Цариград.
– Повеќе очекувам омекнување на ставот на ГГПЦ кон МПЦ со последните придвижувања во православниот свет по признавањето на Украинската црква од Вселенската патријаршија. Признавањето на МПЦ не само што може туку и сигурно ќе се случи, затоа што МПЦ е реалност во православниот свет – смета г. Пимен.
Пред две години премиерот Зоран Заев иницира постапка за црковното прашање, со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.
Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Г. Тимотеј ја поддржува СПЦ за имотите во Црна Гора
И покрај тоа што владиката Тимотеј смета дека СПЦ нема намера да го решава проблемот и да признае автокефалност на МПЦ-ОА, застанува на страната на СПЦ во спорот меѓу Српската православна црква и властите во Црна Гора, по усвојувањето на Законот за верски слободи, кој навлегува и во имотните прашања.
– Според моето лично мислење, како човек и архијереј на нашата света црква, сметам дека тој закон што го донесе црногорскиот парламент не е добар и не е справедлив. Од причина што ниедна црква и ниеден манастир никаде во светот не биле државен имот туку им припаѓале на одделни цркви, руска, српска, бугарска, албанска, грчка, македонска итн. Од друга страна, знаеме дека секаде каде што државата стопанисувала или раководела со црква или манастири се покажала како лош домаќин. Ние во Македонија најдобро го знаеме тоа, со 50-годишно раководење на неколку цркви и манастири, по што ни беа вратени во многу незавидна состојба, дури и без струја, а камоли други бенефиции што беа достапни и во најзафрлено село. Втора причина поради која велам дека законот не е добар е тоа што не го почитува мислењето на својот народ, кој живее во таа држава независно од неговата национална определба. Сметам дека сѐ што се носи насила, а не низ еден демократски разговор, со дијалог, е штетно и нема да му донесе добро на тој народ што живее таму – посочува владиката Тимотеј.
Позиции и црковното влијание во православието
Вселенската патријаршија пред две години ја почна борбата за признавање на Украинската црква, а Руската црква паралелно ја води битката за оспорување на таквото признавање. Во црковните кругови се вели дека на терен Руската црква жестоко лобира против одлуките на Вселенскиот патријарх.
Од тоа каков ќе биде исходот од сегашната состојба во православието, како и од успешноста на проектот со признавањето на Украинската православна црква зависи и процесот за добивање томос за Македонската православна црква-Охридска архиепископија.
Поделбите во православниот свет се навестуваа уште со соборот во Крит, одржан во 2016 година, кога претставниците на Руската црква не се појавија, заедно со уште неколку цркви. Главната причина беше токму прашањето за автокефалноста, кое не се најде на дневен ред. РПЦ инсистираше дека томосот за автокефалност треба да го потпишуваат сите поглавари на автокефални цркви, додека, пак, ВП имаше став дека томосот го потпишува вселенскиот патријарх, а би се согласил со ставот дека преостанатите поглавари го сопотпишуваат. Овој собор беше практично навестување на ова што се случува сега во православието.