Тренерскиот живот на Магдинчев беше интересен и исполнет со многу преселби. Откако тренираше повеќе југословенски екипи, замина во Катар, за оттаму да продолжи во Франција, во Венисие, потоа и во Пари сен Жермен. Селектор и на женската репрезентација на Македонија
РИСТО МАГДИНЧЕВ (2)
Нема сомнение дека Ристо Магдинчев е најпознатиот и со најдолг стаж македонски ракометен тренер во странство. Откако заврши неговата одисеја во поранешните југословенски простори, тој продолжи во странство, и тоа на различни страни од светот. Но со оглед на тоа што во првиот напис за него, од југословенските тимови каде што бил тренер ја споменавме само Металопластика, сега ќе се потсетиме и на другите клубови во кои работел и ја градел својата тренерска кариера.
Изненадувањето да биде големо, и покрај поканите од повеќе реномирани екипи, кои го посакуваа на своето кормило, Магдинчев по Металопластика го одбра Борац од Урошевац. Тој имаше објаснување за овој потег.
– Работата е во неафирмиран клуб да постигнеш добар резултат. Ако тука успееш да го издигнеш тимот и го доведеш на повисоки скалила, тогаш и цената како тренер ти расте. А, јас од Борац од анонимен направив тим за респект и на крајот од сезоната го освоивме петтото место во Југославија. Овој резултат не само што ги зарадува симпатизерите на Борац туку тој му го отвори патот првпат да се натпреварува на европска сцена – вели тој.
Откако тука ја заврши работата за која беше дојден, Магдинчев бара нови предизвици, еден период е во битолски Пелистер. Но хендикеп за него беше што во исто време кога го презеде кормилото на битолчани, најдобриот нивни играч, а и еден од најдобрите во историјата на македонскиот ракомет, Пепи Манасков го напушти клубот. Во една таква ситуација, Магдинчев беше свесен дека без „главниот“ играч ќе биде тешко, па набргу побара решение за себе и го одбира Ловќен.
– Една година престојував во Цетиње, град што живееше за ракометот, и тоа не од периодот кога дојдов јас, туку од многу поодамна – вели тој.
Ловќен беше стандарден второлигаш, кој често доаѓаше и во Македонија, зашто повеќе наши екипи се натпреваруваа во истата лига. Но тој кога дојде на неговото кормило беше и прволигаш.
– Таму минав една убава година, опкружен со пријатни луѓе, кои од срце го сакаа клубот. Тие ме наговараа да останам тука, но не можев да ја испуштам примамливата понуда од претседателот и од генералниот секретар на Ракометната федерација на Катар.
ПРВ СТРАНСКИ ТРЕНЕР ВО КАТАР
Ристо Магдинчев без многу размислување и колебање ги пакува куферите и „одлетува“ за Катар, земја што има големи амбиции на планот на ракометот. Тоа, се потврди и по многу години, кога Катар стигна и до второто место на Светското првенство, кое беше организирано токму таму, во Доха.
– Чест ми е што бев првиот странски тренер во Катар. Таму престојував во првите години од последната декада на минатиот век. Тогаш главниот град Доха имаше 400 илјади, а сега еден милион и 600 илјади жители. Може да замислите каква експанзија беше тоа. И тоа говори за еден брз напредок на земјата, и тоа на сите полиња. Особено Катарците беа заинтересирани да бидат меѓу водечките во ракометот во арапскиот свет. Ја почувствував таа нивна желба и сторив сѐ да го кренам квалитетот на репрезентацијата, што се манифестира со освоеното 4-то место на Азискиот шампионат што се одржа во Хирошима, во Јапонија – вели Магдинчев.
Интересно е оти за време на двегодишниот престој во Катар Магдинчев ја водеше и младинската репрезентација на оваа земја, со која, исто така, го освои 4-то место на шампионатот на Азија. Потоа Магдинчев, повторно по наговор на својот голем пријател Сеад Хасанефендиќ, се враќа во Европа и ја продолжува кариерата во Франција.
ВТЕМЕЛУВАЧ НА ПСЖ
За многумина ќе биде чудно, но тоа е вистинито. Имено, Ристо Магдинчев беше еден од втемелувачите на овој денешен квалитетен Пари сен Жермен, кој секоја година има амбиции да атакува на европската круна.
– Пред да дојдам во ПСЖ, јас бев тренер на Венисие, со кој двапати го освојував осмото место. Овие пласмани за многумина беа изненадувачки, зашто кога дојдов на кормилото неколку квалитетни играчи, како Муние и Латур го напуштија тимот и го засилија Ним. Но останаа Портнер и Амалу, потоа го доведов и голманот Ходик, па така направивме една цврста екипа. Мојата работа во Венисие веројатно подолго беше снимана од парижаните, од кои дојде понуда да го преземам Пари сен Жермен. Не се колебав и заминав во Париз. ПСЖ не беше ова што е денеска, тогаш беше просечен тим со слаб фонд на играчи. Ако ви кажам дека на првиот тренинг откако бев назначен за тренер дојде само еден играч, нема да ми верувате.
Очигледно имаше големи превирања во тимот, а мене ми остануваше да ги канализирам и средам сите тие работи – ја продолжува својата приказна Магдинчев.
Магдинчев со големо залагање и поддршка од претседателот на клубот и целата управа успеа да внесе еден нов дух и практично да ги постави темелите на професионалната работа во популарниот париски клуб.
– Со ПСЖ прво стигнав до 4-то место што беше виза, првпат во историјата на своето постоење клубот да се натпреварува во европските купови. Во 1995 година Франција стана светски првак, за кој успех, како што напишаа новинарите, имавме и ние странските тренери. Покрај мене беа потенцирани имињата на Хасанефендиќ и на Романецот Војнеа. Тоа навистина ми годеше и уште повеќе ме мотивираше. Во Париз поминав убави четири години, за кое време Французите ги донесов и на Струшкиот турнир, а пред Летните олимписки игри во 1996 година триумфиравме и на предолимпискиот турнир, на кој ја победивме и Италија, на чие кормило тогаш беше Лино Червар. Формирав навистина една цврста екипа. Тука беа Дени Латур, Штоксанд, голманот Деан Лукиќ и нашиот Томче Петрески, кој одигра феноменално и беше вистинско откритие за Французите. Потоа, Томче уште неколку години настапуваше за Данкерк – продолжи Магдинчев.
По доаѓањето на Ристо Магдинчев во ПСЖ, во следните четири години клубот постојано беше меѓу четирите најдобри екипи во францускиот шампионат.
– Еднаш ја освоивме и титулата, но тоа беше сторено по административен пат, бидејќи Марсеј беше суспендиран. Мене, искрено, ми беше непријатно, зашто на кормилото на Марсеј беше Хасанефендиќ, кој практично ми го отвори патот на меѓународната сцена. Таа година првпат игравме во Купот на европските шампиони и во првото коло бевме елиминирани од Гудме – вели тој.
СЕЛЕКТОР НА ЖЕНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
По двете години во Катар, Магдинчев повторно го влечеше арапскиот свет. Затоа, откако ја заврши својата мисија во ПСЖ доаѓа во Ал Кобар, во близината на поголемиот град Дамам во Саудиска Арабија. Таму останува еден период, за потоа да сфати дека, сепак, треба да се врати во Македонија.
– Долго бев надвор, а паралелно со тоа водев грижа и за мојот син Лазар, кој стана дејвискуп-играч и настапуваше за тениската репрезентација на Македонија. Јас, токму поради него положив и добив лиценца за тениски тренер. Тоа не ми беше тешко, зашто методологијата на работа во кој и да е спорт е слична и нема некои драстични разлики. Но иако водев грижа за развојот и за напредокот на Лазар, ракометот, сепак, беше мојот спорт. Затоа, кога дојде понудата од Жито Прилеп ја прифатив работата со женската екипа. Создадовме еден солиден тим, а потоа во 2012 година станав и селектор на македонската женска репрезентација. Го подмладив тимот и резултатите допрва требаше да дојдат. Но луѓето од Федерацијата беа нестрпливи, тие сакаа за една година да имаме врвни резултати, а не за четири-пет, колку што трае процесот на создавањето една цврста екипа. Затоа ја напуштив селекторската функција и препуштив други да го водат нашиот женски ракометен состав – вели тој.
Нема сомнение дека кариерата на нашиот ракометен глобтротер Ристо Магдинчев, која уште не е завршена, беше бурна, интересна, исполнета со многу успеси и доживувања.