Планот беше новото кино да го има изгледот на старото кино на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кое беше изградено во 1923 година, а до темели беше уништено од пожар во 1939 година. Но по започнувањето на активностите, пред пет години и потрошените 600.000 евра, објектот, како што рече актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, сѐ уште е далеку од можноста да биде ставен во функција
Со доаѓањето на новата локална власт во Битола, голем број „капитални“ инфраструктурни проекти се запрени или одложени за некои подобри времиња. Така, по ставањето на ад акта на изградбата на аеродромот кај селото Логоварди, подземната гаража на Широк сокак, катната гаража кај хотелот „Македонија“, голф-терените во Братиндол, затворениот олимписки базен, агроберзата, новиот град во Златниот рид, филмското студио, жичницата над Нижеполе, реконструкцијата на опожарениот дом „Копанки“, топловодот, Тумбе кафе…, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, деновиве изјави дека за скоро време се стопирани и одложени и градежните активности за (до)изградбата на киното „Манаки“.
Кога пред речиси пет години, на 8 мај 2013 година, бившиот градоначалник Владимир Талески и тогашната министерка за култура Елизабета Камчевска-Милевска го поставија камен-темелникот за изградба на киното „Манаки“, на Широк сокак, битолчани беа убедувани дека до рајот на неговиот мандат, најголемиот број од кинопроекциите на филмовите од фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажувани во новото кино, кое ќе го носи името на првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки.
Дента кога Талески и Камчевска го поставија камен-темелникот во Основниот суд во Битола, внукот на Милтон Манаки, кој е единствениот наследник на неговиот имот, ја поднесе тужбата против локалната самоуправа и градоначалникот Талески и побара да се стопира градбата на киното, бидејќи просторот каде што ќе се гради киното е предмет на денационализација. Но Талески продолжи со градбата, бидејќи, како што рече, за него изградбата на киното „Манаки“ била проект што како артист ја сонувал со децении.
– Со оглед на огромното значење што го имаат браќата Манаки за развојот на филмската уметност во Битола и Македонија, Битола не може повеќе да чека и да ја одложува изградбата на киното и бидејќи ги имаме сите потребни документи за градба мораме да стартуваме со реализацијата. Битола мора да им се оддолжи на браќата Манаки за тоа што го направија за градот и јас сум уверен дека до крајот на мојот мандат ќе можеме на местото каде што порано постоеше киното „Манаки“ да го изградиме новото – изјави пред нецели пет години сега веќе бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески.
Причина повеќе за неговиот оптимизам беше тоа што, според него, парите за изградба на киното беа обезбедени со општинскиот буџет.
– Денеска, кога ценевме дека сме најподготвени со финансиски средства и проекти, како и со сите законски обврски, почнуваме со обнова на киното. Обновата ќе биде во две фази, а оваа градежна сезона ќе биде завршена првата фаза, која всушност претставува две третини од целиот проект, вклучувајќи целосна инфраструктура и инсталација, како и предниот дел, односно целата воведна партија во делот што ќе претставува сала, односно гледалиште – изјави тогаш Талески, кој притоа додаде дека следната градежна сезона ќе биде завршен вториот дел од објектот, односно киносалата со 150 седишта.
Својата поддршка за изградба на киното, дента, со своето присуство ја искажа и бившата министерка за култура Камчевска-Милевска, која нагласи дека Министерството за култура, покрај тоа што дава целосна поддршка за изградба на киното, и финансиски ќе го поддржи.
Во една таква свечена предизборна атмосфера, на 5 мај 2013 година, помина поставувањето на камен-темелникот на киното. Но во изминатите пет години, освен што е подигната само карабината, другите работи стојат во место.
Особено загрижува тоа што, по сѐ изгледа, изградбата ќе чека некои подобри времиња, кои со оглед на финансиската состојба во која се наоѓа градската каса, тешко дека ќе дојдат. Во овој момент, не само што не се предвидени средства со новиот за (до)изградба на киното во новиот буџет на општината, туку како да нема ни расположение за негово завршување.
– Кога дојдов на градоначалничката функција побарав извештај за тоа што се случува со изградбата на киното. Морам да признаам дека досега за неговата изградба се потрошени многу пари, но, за жал, сѐ уште сме далеку од можноста објектот да биде ставен во функција, затоа што внатре не е ништо направено – изјави градоначалничката Петровска, која притоа додаде дека за киното не се предвидени пари ниту во Министерството за култура.
Средствата за културата ќе бидат насочени кон реконструкцијата на Офицерскиот дом, кој мора што поскоро да се заштити од натамошно пропаѓање. Инаку, за изградба на киното досега се потрошени над 600 илјади евра. Но според процените, изгледа дека уште многу стотици илјади евра ќе треба да се потрошат за негова доизградба и за внатрешното уредување. Планот беше новото кино да го има изгледот на старото кино на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кое беше изградено во 1923 година, а до темели беше уништено од пожар во 1939 година.