Друштвото на ликовните уметници на Македонија, од далечната 1976 година, им ја доделува наградата „Нерешки мајстори“ на истакнати автори што дале голем придонес во современата македонска ликовна сцена. Оваа година наградата „Нерешки мајстори“ за животно дело ќе ѝ биде доделена на авторката Анета Светиева. По тој повод, вечерва, во 20 часот, во уметничкиот центар АРТ ХАБ во ГТЦ, со видеопроекција на творештвото на Анета Светиева и пригоден говор, кој ќе го одржи кураторката Викторија Васева Димеска, свечено ќе ѝ биде врачена наградата.
Анета Светиева (Битола, 1944 г.) е вајарка, магистерка по ликовни уметности и докторка по етнологија, истражувачка на народната уметност и професорка во Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирала (1968) и магистрирала (1970) во класата на проф. Јован Кратохвил на Академијата за ликовни уметности во Белград и докторирала на Филозофскиот факултет – Катедра за етнологија, исто така во Белград. Членка е на ДЛУМ од 1975 г. Била асистентка и научна соработничка-истражувачка за пластичната народна орнаментика во институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и ги истражувала копаничарските изведби на таваните во Дебар. Била професорка на Катедрата за етнологија во Институтот по географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Како вајарка, имала самостојни изложби во Скопје (1970, 1973 и 1989), Белград (1970, 1984 и 1988), Љубљана (1986), Охрид (1987) и во Вараждин (1988).