Премиера на претставата „Плоштадот на хероите“ по мотиви од драмата на Томас Бернхард, во режија на Мирјана Медојевиќ, ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во Драмски театар. Во претставата играат: Наталија Теодосиева, Ина Пунтар, Гордана Ендровска, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Симона Димковска
– Да се избере последниот текст на големиот модерен писател, кој својот живот го посветил на уште поголеми теми – самоубиството и присуството на фашистички обрасци кај секој човек во неговата родна Австрија, со себе го носи бремето на историјата и очекувањата. Ова е текст, кој предизвикал скандал пред 31 година, кога наместо да ја одбележи стогодишнината на Виенскиот Бургетер, за кој бил и нарачан, тој ја одбележал педесетгодишнината од Аншлус и веселиот извик на толпата, која го пречекува Хитлер на плоштадот „Херои“ во Виена. Текстот е како кромид, кој треба внимателно да се излупи за од него да настане претстава во Северна Македонија, на католички Божиќ во 2019 година во Драмскиот театар на улицата Шекспир 15 во Скопје – далеку од Бургетер, каде што уште пред да се случи претставата предизвикала скандал и кулминирала со 45-минутно свиркање и ракоплескање за време на премиерата и со смртта на авторот 3 месеци подоцна – вели Нина Зупанчич, драматург.

Исто како што Бернхард црпел инспирација од животот, од својот и на другите, така и претставата одговара на тие мотиви и од нив креира сценска фикција.

– Екстремното стилско повторување, типично за авторот, во процесот настана како преиспрашување на позициите на секој од нас, кај оној што ќе ја гледа или нема да ја гледа претставата. Бернхард црпи од телото на секојдневниот човек, за да може да му постави огледало во кое се гледа и се смее на самиот себе, невино и искрено како дете, кое се криви и се смее на одразот и сопствената претстава. На тегобноста што обично ја носат класичните дела и се приближивме со леснотија. Темите што најчесто се преоптоварени со табуа или замаглени од интелектуални дебати ги направивме достапни за сите – додава Зупанчич.