Скок во вера (2) (или како да се кренеме од смртта)

Скок во вера! Што значи дека веруваме и дека сами ќе излеземе од северната идентитетска мртовечница во која нè ставија. Тоа ќе го постигнеме со активно бдение среде меморијата, на праизворот за да не си го заборавиме Името што стои како небесен печат и на надгробните и надгробните камења на нашите предци и прапредци. Да го одбраниме неговиот духовен имот од хиените на Атина, Софија и на Тирана. Па и од хиените на Брисел и на Вашингтон, тие што во Откровението на апостол Јован ја прогонуваат Жената со Сонце на челото, која бега од нив во пустината за да го роди Детето на Светлината. Скок во вера што му е потребен и на истоштеното од западните колонизатори човештво, кое ако сега се спасат Македонија и Македонците ќе се спаси и тоа, бидејќи тоа е врзан процес во кој скокот раѓа скок, верата вера. Оти додека НАТО го чува капиталот на богатите, пролетаријатот, „на трудот црн народ“ (Рацин), сепак ќе се разбуди и повторно ќе ја преземе главната улога во светската историја. Во тоа сум сигурен драг читателу. Сигурен сум и дека нема да исчезне човекот како божествено создание по кое со својата мрачна технологија и ум посега западниот Антихрист. Нема, бидејќи и сјајниот средновековен мудрец Ангелус Силезиус рече дека ако исчезне Човекот, ќе исчезне и Бог, што по аналогија значи ако исчезнат Македонија и Македонците ќе исчезне и Бог, оти ќе испадне дека Тој залудно го испратил од Троада подрака со Македонецот апостол Павле во Филипи за да ја востоличи во куќата на Лидија Македонката Невестата Христова, првата христијанска црква во паганска Европа, која, за жал, до денес остана таква. Можеби и затоа што, потпрена на рационалниот ум, оцени дека е посреќна со својот варварски нагон од кој се роди и либералкапитализмот, отколку со филозофијата на љубовта кон ближниот и сеопштото братство, без колонијалистички грабеж на народите. За културен, како што велеше визионерот Гоце кого Пендаровски го прогласи за етички Бугарин, а не за материјален натпревар. За духовен, а не за материјален профит, нешто на што инсистирале Македонците од Антиката на Филип и Александар до денес.

Да, оти во планот на Господ, како што вели и Ангелус Силезиус, за да постои Тој е потребно да се сочува Човекот (со голема буква), а тука се сега и Македонците турнати во идентитетска смрт. Со еден збор, потребно е да се зачува сè што создал Тој. Да. Оти свети Јустин Екуменски во таа смисла надоврзувајќи се на мислата на Ангелус Силезиус, вели дека во планот на спасението кај Бог е вклопена дури и тварта, материјата. Па зарем и сјајниот Спиноза не рече дека: „Доколку повеќе ги познаваме поединечните ствари, дотолку повеќе го познаваме Бог“. Ете, јасно ли ти е сега за што зборувам драг читателу?

Е, на западните хиени на капиталот, кои себеси се прогласија за врвни светски демократи само и само за да го колонизираат сиромашниот свет, тоа не им е јасно и тие, не опаметувајќи се од двете светски војни што самите си ги предизвикаа, ќе ја платат високо цената. Еден ден, се разбира, а тој според некои небесни и земни знаци не е далеку. Макрон е во право со својата немилосрдно картезијанска точна дијагноза: таа стои на работ од бездната, и само што не се струполила во неа. Во неа сега ја струполи Македонија, која нејзе пред два милениуми, и кусур, ѝ го понуди за причест Новозаветното Слово на Љубовта, но таа до денес не го прими него и остана и покрај многубројните застрашувачки темни и убави катедрали пагански дива во својата нарав. Јанѕа ме јаде, драг читателу, кога ќе помислам дека и екстра умниот и интелигентен Ниче рече дека, веројатно, варварите се посреќни од човекот на културата. Човекот, кој впрочем секогаш бил во видното поле на Македонците. Се разбира, со исклучок од тие во владата и парламентот на Заев и Димитров, кои го имитираат варварството, а не се способни, калпави во умот и моралот, дури ни за тоа.

Реков, турнати сме во бездна, драг читателу. Но сепак дали сме навистина турнати докрај во неа, или како и Европа за која говори Макрон сè уште стоиме на нејзиниот раб како света жртва за спасение на борделската цивилизациска Дама на Брисел. Да го оставиме настрана сега Вашингтон, кој е сепак посебна приказна. Света жртва, налик на оние жртви што ги жртвуваа Ацтеките на богот на сонцето, вадејќи им го само со еден потег срцето од градите. Како што се случи и со нас Македонците со Преспанскиот договор, кога бочно го помагаат за операцијата да биде успешна Договорот со бескрајно лакомата за македонскиот културно-цивилизациски имот Бугарија и Тиранската платформа на оние што на времето го убија Кузмана. Да се потсетиме на „Сердарот“ на Григор Прличев, драг читателу. Но на таа тема во некоја друга колумна. Оти убиен еднаш (како архетип на Македонците) Кузман сè уште се доубива, и Неда, олицетворена во ликот на Богородица Нерешка сведната над мртвиот Исус и на Рахела во Марковиот манастир што ги крши рацете над мртвите деца, сè уште ќе мора да го оплакува и дооплакува него. Ретерирам. Сепак, иако изгледа дека сме смртно упокоени со Преспанскиот договор сè уште не сме во апсолутна смрт и сме како и Европа на Макрон над бездна, избрани за жртва за, реков, нејзино спасение.

Да. Арно ама ние, драг читателу, сега не сакаме да скокнеме во амбисот на апсолутната смрт, туку се одлучуваме на еден друг вид скок, витален во основа: на скок во вера. Скок преполн со електроните во кои гори огнот на волјата. Не во скок на надежта како што ни го препорачуваат него, за да нè доумртват и доапатизираат западните и домашните мајстори на смртта. Оти верата не е како надежта да чмае во безлична меланхолија, туку е будност и бдение, сатори (просветление) како што би рекол Готама Буда, кому не случајно му посвети една песна и македонскиот просветлен дух на Блаже Конески, кој е доволен и сам со својот гениј и морален габарит да го носи амблемот на до бескрај морално искомпромитираната МАНУ. Надежта е еднодимензионална, безалтернативна како и ставот на нашите глупи политичари од 1990 г. до денес, кои таа филозофија ни ја верглаат убивајќи нè со неа.

Оти, драг читателу, навистина треба да си идиот па да ја поставиш пред себе тезата на безалтернативност, на тоа дека освен ЕУ и НАТО за нас па и за целиот заглупавен Балкан не постои друга алтернатива. А таа филозофија покрај филозофијата на глупоста, на закржлавениот ум, е всушност и филозофија на неслободата. Оти човекот без слобода, без алтернатива е ништожно битие. Тоа што не се кадарни да го сфатат умовите на Заев, Димитров и на Шекеринска филозофијата што ни ја наметнаа не само нам, Македонците, туку и на сите, нека ми простат, глупави Балканци, дека без Европа и НАТО, кој сее смрт во светот, нема животна перспектива. Нема? А пред нас се спрострела бескрајната Азија кон која интуитивно профетски не попусто тргна и Александар Македонски. Оти таму имаше култура, духовно злато, а Европа беше примитивна, канибалистичка и во варварство, кое и покрај убаво уредените нормативни цивилизациски акти од Јустинијан (парадоксално пак Македонец), Римската Империја остана во својот темен пагански нарав. И не се помести од неа.

Скок во вера, оти верата е секогаш подготвена за нов скок за многу како тигарот што го гонат ловците на смртта. Надежта е анемична, а верата интуитивна и динамична. Оти така и нè подготвуваа западните мајстори на смртта: за надеж и апатија, а не за вера и преобразба. Надежта е еднодимензионална, верата е упатена кон сите правци, како Исус во пустината го препознава лукавството на Сатаната и не му подлегнува на искушението. Тоа е таа наша мартирска вера под чие знаме се бореле илинденците и асномските херои. Сите тие ја препознаа лагата на темниот што им се нудел во лицето на Бог, барајќи од нив како и тој од Аврам да го принесат за жртва синот на ридот Морија (читај: ридот на смртта). Синот единец (читај Името) за да ја покажат својата лојалност кон него. Најстрашното библиско искушение, кое е праслика на она што се случи по столетија на Голгота. И тоа сега се побара и од Македонците. Го побара од нив тоа не Јахве, не Исус, или Светиот Дух, туку Сатаната на модерната западна цивилизација преоблечена во лажна светлина како божество. Божеството на капиталот што ги уништува сите траги на светото: тоа што го насети генијалниот Хелдерлин уште пред две и пол столетија. Божеството на глобалистичката корпоратократија, која лакома за материјален профит сега ја ништи и најсветата трага на картата на Европа – Македонија. И таа како Јахве Аврам ја изведе неа со Синот-Името на ридот на смртта Морија. И што е тука, драг читателу, сега разликата меѓу македонската и старозаветната слика на Аврамовата жртва? Тоа е дека кога Аврам го подигна ножот над вратот на Синот за да ја покаже својата непоколеблива лојалност кон Бог наеднаш се појави ангел од небото испратен од него и му ја фати раката на Аврам за да не се случи злосторство, макар и со епитетот свето. Ангел спасител. Да. А што се случи со Македонците вклопени во сликата на драматичниот старозаветен настан. Тоа. Не само што не се спушти никаков ангел спасител, туку уште и беше со сета сила налегната раката на крвникот за да се забие што подлабоко и посмртоносно ножот во жртвата, во Името, а сѐ за да се задоволи волјата на сатанскиот бог на западната корпоративна цивилизација и балканските хиени. Арно ама Македонците го препознаа него и одбија, и покрај нанесената длабока рана, да го заколат синот единец – Името за што беа ангажирани домашните изроди од власта и парламентот. Експериментот беше само делумно успешен, иако беше замислен како една мини-демонстрација на жртвување на целото човештво во име на корпоративниот капитал на Западниот цивилизациски демон. Целото човештво како Аврамова жртва на новиот темен бог на западниот либералкапитализам.

Така. Ама здравите Македонци составени од атомите на исконот и вечноста го препознаа тој сатанистички проект, и од апатијата на надежта што им се понуди со тромата рамнодушност се ракува со енергијата на очајот, колку и да звучи парадоксално тоа. Енергијата на Слободата. Тоа го знаеја и комитите на ВМРО. И затоа нивната лозинка гласи „Слобода или смрт“. А ние сега ја отфрливме смртта, иако веќе со сите сили и договори нè внесуваат в гроб, и со космички крик го отвораме грлото со зборот Слобода. Која и каква? Слобода во нашево исконско име, кое за нас е воздух. Светиот Дух. Не каква било, туку Апсолутна Слобода. А ние, драг читателу, неа ќе ја освоиме не пасивно со надеж, туку активно со вера. Со скок во вера! Храбро како што го стори тоа и Емпедокле со неговиот скок во кратерот на Етна. Тоа, драг читателу. Верувај! Те поздравувам до следната наша средба.

(крај)