Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“, во рамките на кампањата за одбележување на 17 декември, Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, одржува традиционален Марш на црвените чадори, кој по 12-ти пат се одржува во Скопје.
– Зошто треба да работиме во страв дека би биле малтретирани, злоупотребувани и игнорирани од општеството. Зошто нè барате, а не нè препознавате. Ние сме ја одбрале работата како најдобар начин за да заработуваме за живот и никој не треба да ни го одзема правото на слобода – порача една од учесничките на маршот.
Маршот започна пред платото на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија. Организаторите на маршот истакнуваат дека е голем бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција.
– Оваа година кампањата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници ја посветуваме на борбата против родово-базираното насилство. Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нашите човекови права и слободниот избор – се вели во соопштението на организаторите.