Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, денеска ја отворија новоизградената градинка во село Куклиш. Капацитетот на градинката е за 60 деца и е прва детска градинка во ова населено место.
– Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи посветено работат на зголемување на капацитетите во детската заштита, а со тоа се инвестира во раниот детски развој и во иднината на нашата држава. За идната година во буџетот издвоивме 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари во вкупно 43 градинки – рече Царовска.
Министерката истакна дека освен што се зголемуваат капацитетите се работи на јакнење на кадарот којшто се грижи и ги воспитува децата. Само за една година, додаде таа, платите на вработените во градинките се зголемени за 21%.