Пазарот треба да биде целосно обновен во мај наредната година, изјави Младен Дамев, новиот директор на ‚‚Скопски пазар“. Поради промената на менаџментот, извесен период градежните работи мируваа, со што е пробиен и рокот што беше даден претходно, пазарот да биде комплетно изграден до јануари годинава. Бит-пазар ќе има 1.000 тезги, а на покривот ќе има паркинг за 230 возила
Бит-пазар, најголемиот зелен пазар во Скопје, полека добива нов, модерен лик. Наскоро нема да остане ниту трага од стариот покрив и познатите пазарски тезги. Според предвидениот проект на „Скопски пазар“, пазарот ќе добие комплетно нови 1.000 тезгиња на кои, како и досега, ќе се продаваат најразлични производи. Во рамките на пазарот е предвиден и нов деловен простор, на површина од 600 квадратни метри, а некои од новите дуќани веќе се отворени.
Новиот покрив истовремено ќе биде и паркинг, кој ќе може да прими 230 возила. Со тоа ќе се реши еден од најголемите проблеми за купувачите и пазарџиите, кои ќе можат да се паркираат и многу полесно да ги транспортираат производите. До паркиралиштето ќе се стигнува преку искосениот пристапен влез што ќе биде изграден близу надвозникот, кој претставува премин од пазарот кон другиот крај на булеварот Крсте Мисирков.
Од АД „Скопски пазар“ велат дека пазарот комплетно треба да биде готов и да биде официјално предаден во употреба некаде во мај наредната година. Сега е распослан на помал простор, со помал избор на производи, но е отворен секој ден. Поради промена на менаџментот во фирмата, извесен период градежните работи мируваа, затоа е пробиен и рокот што беше даден претходно, пазарот да биде комплетно изграден во јануари годинава.
Од АД „Скопски пазар“ сметаат дека со реализацијата на овој проект за комплетна реконструкција на најголемиот зелен пазар во градов на граѓаните ќе им се овозможи нов и модерен начин на пазарење. И не само тоа, пазарџиите што претходно постојано се жалеа дека работат во лоши и несоодветни улови на пазарот, сега ќе добијат пофункционален пазар и подобри услови за работа.
– Поради промена во менаџментот, малку подзастанаа работите, но од август наваму се интензивираа и на Бит-пазар забрзано се работи. Планираме до Нова година да ги префрлиме и преостанатите тезги во новоизградениот простор и со тоа да отвориме фронт за реализацијата на последната фаза, во која е предвидена изградбата на плоштадот спроти аптеката на „Зегин“. По слободна процена, и во зависност од временските услови, пазарот би требало комплетно да биде завршен некаде во април или мај – објасни Младен Дамев, директор на АД „Скопски пазар“.
Според проектот, на просторот каде што сега се наоѓаат тезгињата со долна облека, спроти аптеката на „Зегин“, ќе биде изграден мини-плоштад, чие централно место ќе го зазема украсна фонтана. Околу плоштадот, поплочен со павер-елементи, ќе се издигаат бетонски столбови. На плоштадскиот простор ќе има садници, клупи и друга опрема.
Деновиве треба да привршат работите околу втората фаза, за што градежниците на фирмата „Масон“ од Скопје забрзано работат, за да може да се создадат услови за префрлање на последните тезги однадвор во внатрешноста на пазарот. Со тоа и овие пазарџии зимава ќе можат да функционираат во многу подобри услови од досегашните. Со проектот за обнова на Бит-пазар предвидено беше и целосно обновување на инфраструктурата на пазарот, односно меѓу другото и на водоводот и канализацијата, бидејќи мрежата беше мошне стара. Комплетното обновување на Бит-пазар ќе придонесе да ја снема сликата на диви продавачи и тезгиња надвор од пазарската ограда, а, од друга страна, овој дел од градот на влезот од Старата чаршија да добие нов и модерен лик.