Во рамките на официјалната посета на Република Малта, премиерот Зоран Заев вчера остварил средба со тамошната претседателка Марија Прека на која се разговарало за зајакнување на економските релации, но и за можноста Република Македонија да овозможи конзуларни услуги во земјата.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата истакнал дека македонското стопанство е подготвено да го зајакне присуството на Малта преку интензивирање на соработката на стопанските комори на двете земји.
Претседателката Прека, пак, изразила поддршка околу идејата за отворање конзуларно претставништво на Република Македонија во Малта имајќи го предвид зголемениот број македонски граѓани што работат во Малта.
Премиерот Заев по завршување на средбата со претседателката на Малта се потпишал во Книгата на спомени во претседателската палата „Сан Антон“ во Валета.
На средбите, македонскиот премиер бил придружуван од министерот за здравство Венко Филипче и од државниот секретар во МНР Виктор Димовски, како и од вршителката на работите во Амбасадата на Република Македонија во Рим, Италија, Магдалена Димовска. П.Р.