Наши известувачи од Лондон
Јасминка Павловска
Маја Јаневска-Илиева
Македонското знаме е помеѓу 30-те развиорени знамиња на улицата Мол во Лондон, која води до Бакингемската палата. По оваа улица ќе поминуваат делегациите со лидерите на земјите-членки на НАТО на прием кај англиската кралица.
Знамињата се наредени по латиничен азбучен ред, па така прво и најблиску до Бакингемската палата е знамето на Албанија, потоа следува знамето на Бугарија, па Хрватска и така со ред. Македонското е последно, зашто Македонија е последната земја што се придружува на НАТО семејството, па знамето се најде помеѓу оние на Велика Британија и САД.
Улицата е оградена и само на одредени места полицијата дозволува да преминуваат пешаците. Туристите кои ја преминуваат често прашуваат што се случува овде, зошто се знамињата изложени токму тука, колку вкупно знамиња има и до кога ќе биде затворена улицата. Лондонските полицајци, во зелени елечиња, со насмевка на лицата трпеливо им одговараат и ги замолуваат пешаците да не застануваат додека ја преминуваат улицата.