Додека се чека автентичното толкување на членот 11 од Законот за помилување во Законодавно-правната комисија на македонското собрание и натамошното постапување на Уставниот суд, продолжува разногласието за аболицијата дадена пред три години
Во домашната јавност се зголемува интересот за тоа како ќе помине барањето до Собранието за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на тој член.
Токму отворањето на прашањето поврзано со аболицијата од пред три години од страна на Уставниот суд ги разбранува страстите и во политичките и во правните кругови поради нејаснотиите што тоа ќе значи за инволвираните лица, како и за судбината на судските предмети што се воделе досега против нив.
Во таа насока претседателот на Собранието, Талат Џафери, и координаторите на пратеничките групи вчера се договорија дека на 11 декември Законодавно-правната комисија, сепак, ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ за автентично толкување на законот. Во политичката игра на партиите, која изминатиот викенд мина во меѓусебни обвинувања кој за што се залага по иницијативата во Уставниот суд за укинување на членот 11 од Законот за помилување, во домашната јавност се отвори дилемата дали Уставниот суд со последниот чекор со кој го извади предметот од фиока по подолг период всушност ја врати аболицијата на сцената и дополнително ја исполитизира работата на оваа највисока институција во правниот систем и со тоа повторно ја стави на испит правната држава. Во исто време, дополнителни исчекувања наметнува и автентичното толкување на Законот за помилување, кој ќе се најде пред пратениците веќе идната недела.
Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека Уставниот суд се впушта во непотребна политичка игра, која го факторизира и го штити криминалот во државава преку ваквото негово тактизирање.
– Овие што се намерачиле на правото во државата и правната држава сакаат да го спасат сиот криминал и сите криминалци во земјава. Се оди кон тоа таа одредба да ја укинат мислејќи дека со тоа ќе ги вратат дејствата многу од порано и нема да се водат сите овие постапки.
Моменталниот состав со ова само го дозволува периодот на бегање од одговорност да продолжи во земјава, а на крајот, иако не очекувам да дојде до тоа, сепак може да се случи – вели Ивановски.
На прашањето дали Уставниот суд во одреден период вади од фиока предмети и ги користи во политичка конотација, а со тоа прави да се намали довербата во институцијата, поранешниот уставен судија Ивановски вели дека очигледно одлуката е политизирана во целост.
– За време на мојот мандат имало предмети што можеле да се протегнат и до година-две, но тие прашања не биле од ваков карактер. Во најдобар случај предметите се провлекувале од три до четири месеци. Но сегашниот случај очигледно бил ставен под тепих од за мене нејасни причини и се вади кога им одговара на некои таму, во за нив погоден момент. Овде сакам да истакнам дека во последните девет години Уставниот суд не одржал ниту една јавна расправа ниту една подготвителна седница, факт што се дополнува на мојата теза дека чекорот е политизирана одлука во целост. Ваквите архаични односи на Уставниот суд, кои, за жал, се провлекуваат во самата држава, од кои ни се заробени и институциите, се потврдуваат во извештаите на ЕУ и САД за судството, од кои, пак, страда обичниот граѓанин – дополнува Ивановски.
Пратеникот Павле Трајанов во врска со автентичното толкување коментира дека последните години автентичните толкувања мошне често се користат во законодавниот дом како инструмент за решавање правни ситуации во кои има различни толкувања во однос на одредени прашања.
– Таму е нејасно дали одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е во согласност со постојниот Закон за помилување и спорниот член 11, кој е актуелен деновиве во јавноста. Веројатно автентичното толкување за Законот за помилување треба да утврди дали тој член не постоел или постоел кога одлуките за амнестија ги донесе Иванов. Во таа насока парламентот треба да ја расчисти дилемата дали одлуката на Иванов е надвор од законот или не. Доколку не е во согласност со наведеното во членот 11, парламентот има право да ја поништи одлуката, односно да оневозможи помилување за случаите што произлегоа од снимките од масовното нелегално прислушување. Доколку е во согласност со законот, ќе треба да го почекаме заклучокот од законодавната комисија во Собранието па потоа да коментираме. Што и да се случи, политизираноста на случајот е повеќе од очигледна – оценува накратко Трајанов.
Во меѓувреме додека ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека сепак ќе ја поддржи иницијативата на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување во обид да се спречи Уставниот суд повторно да ја активира фамозната аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а претседателот на ДУИ, Али Ахмети, се консултира со експерти, од Алијансата за Албанците тврдат дека аболицијата е завршена работа.
– Нашиот став е конзистентен, не поддржуваме каква било иницијатива за помилување на оние што се огрешиле пред законот, нашиот приоритет останува дејствување на правдата и функционирање на судскиот систем и правната држава – вели Сурија Рашиди, пратеник од Алијансата за Албанците.
Реакција на Уставниот суд
Обидите за омаловажување на Уставниот суд, неговиот углед и угледот на судиите, со прејудицирања на судските одлуки, со политички, а не со правни аргументи, не е во интерес на напорите за изградба на владеење на правото и правната држава. Ова се наведува во реакцијата од Уставниот суд по повод многубројните коментари поврзани со аболицијата.
– На 27.10.2019 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, по поднесената иницијатива за оцена на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување, судот расправаше и донесе решение за поведување постапка за оспорениот член од законот. Постапката по предметот е во тек – се вели во соопштението на Уставниот суд.
Како што посочуваат оттаму, Уставниот суд со внимание ги следел натписите, коментарите и изјавите на претставници на одредени држави органи, во кои, според институцијата, биле изнесени невистини. Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата се вршат директен упад и притисок за нормално функционирање на судот и неосновано се повредуваат угледот на судот и честа и личноста на уставните судии.