За краток временски период од Европа пристигнаа спротивставени пораки во однос на Македонија. Најпрво нашата земја доби чиста официјална препорака од Брисел и многу пофалби за спроведените реформи, за еден месец потоа да биде обелоденет друг неформален документ во форма на нон пејпер од некои земји-членки, со кој практично се блокира нашата интеграција. Се двоуми ли Европа со дополнителните скенирања на Македонија или станува збор за дополнителен смислен притисок поврзан со наметнатиот спор за името од страна на Грција
Европската Унија испраќа мешани сигнали, кои се поврзани со европската перспектива на Македонија. На ваква констатација може да нѐ донесат содржините на двата најнови европски документи, кои ја засегаат евроатлантската интеграција на Македонија.
Во првиот во април Македонија од Европската комисија доби чиста препорака за почеток на преговорите за членство.
Во извештајот за напредокот на земјава, Европската комисија даде зелено светло за да почнат преговорите.
Комисијата нотира „позитивна промена во политичкото размислување – нешто што го немало во изминатите години и што било пречка во реформскиот процес“. Чистата препорака од страна на Брисел беше оценета како голем успех за државата. Од друга страна, токму неодамна се обелоденува друг документ во форма нон пејпер, издаден од дел од ЕУ-земјите, со кој се блокира почетокот на преговорите во јуни за влез на Македонија во Унијата. Забелешките во нонпејпер-документот, освен за Македонија, се однесуваат и на Албанија.
„За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е ’тукушто почната’ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (’заробена држава’). Борбата против корупцијата и организираниот криминал сѐ уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека, пак, капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, пишува, меѓу другото, во нон пејперот.
Во меѓувреме, можноста за блокирање на влезот на Македонија во ЕУ ја најави францускиот претседател Емануел Макрон, на неодамнешниот самит во Софија, каде што предупреди да не се избрзува со проширувањето на ЕУ, со што покажа дека шесте балкански земји-аспиранти за членство може да се соочат со тешка задача.
На самитот Макрон рече дека ЕУ избрзала со проширувањето по последниот самит за Западен Балкан во 2003 година и последните 15 години покажале дека тој пат ја ослабнува Европа. Францускиот претседател истакна дека го поддржува поврзувањето на Балканот со Европа, предупредувајќи дека Брисел треба да гледа многу претпазливо на секое ново проширување.
Ваквото дволично однесување (прво сте добри, потоа не чините) отвори многу дилеми во домашната јавност. Се појавија и мислења дека преку нон пејперот практично се присилува и уценува Македонија на нови отстапки во спорот со Грција.
– Едно треба да ни е јасно, а ова го трубам 25 години. Името Република Македонија го изгубивме во моментот кога ги прифативме преговорите. Јас интимно верував дека промената на името ќе биде само за меѓународна употреба, односно во меѓународниот правен поредок и политички сообраќај пред меѓународните институции, но Грците сега инсистираат на ерга омнес и доколку и тоа не го прифатиме, верувам дека немаме никакви шанси за компромис – вели аналитичарот Тодор Пендаров.
За публикуваниот нон пејпер, кој го попречува патот на Македонија во ЕУ, Пендаров вели дека ништо од реформите не е решено, а автор на документот е Франција, што не изненадува бидејќи пред помалку од еден месец Макрон кога зборуваше во Европскиот парламент токму ова го најави.
Пендаров вели дека Макрон тогаш не ги спомнал имињата, но го употребил терминот Западен Балкан.
– Макрон најави дека е многу тешко Унијата да се прошири до 2028 година и подоцна, а јас ако бидам жив тогаш ќе имам 80 години. Значи пак нашата дипломатија промашува. Ако тие добро го следеа говорот на Макрон, ќе сфатеа дека членство нема шанси. За овие 27 години како самостојна држава, кои реформи ги направивме? Туку само нонстоп збориме реформи, реформи, реформи… – вели тој.
Пендаров истакна дека во наредните недели тој очекува поголем меѓународен притисок околу спорот.
– Врз Македонија притисоците биле и ќе бидат секогаш поголеми и поголеми и тие ќе одат во правец – прифатете ги грчките услови. Од друга страна, притисоци врз Грција нема да има, бидејќи таа е оперирана од тоа и ништо не ѝ можат – смета Пендаров.
Универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска во своја колумна за актуелните случувања пишува дека нон пејперот е реалност.
– Македонија засилено влегува во една, за жал, веќе подзаборавена, но еве сега рециклирана нонпејпер-фаза од својот „развој“. Се добива впечаток дека ни се случува рекапитулација на старата лекција од животот, која мислевме дека никогаш повеќе нема да се повтори, од времето на конфликтот, кога разни нон пејпери циркулираа во јавноста. Од друга страна, политички и економски боксови-крошиња ѝ доаѓаат од сите страни на Владата, но таа упорно глуми дека е среќна и насмеана со своите „достигнувања“ постојано повторувајќи ја добро познатата строфа „на Македонија подобро никогаш не ѝ било“, секако зборувајќи секогаш во трето лице еднина – пишува професорката.
Според неа, тоа што во нон пејперот е констатирано е дека институциите се препартизирани и заробени.
– Тврдењето на Владата дека мнозинството држави-членки на ЕУ поддржувале почеток на преговорите со Македонија е уште еден тежок блеф од пропагандната кујна, а кој има цел колку што е можно повеќе да го замаскира примениот тежок нокдаун на неговите претпоставени – пишува Каракамишева-Јовановска.