Скулптурата се појавила на мал плоштад во Лондон уште во 2004 година и била поставена без дозвола од градските и урбанистичките власти
Скулптурата „Пијаница“ на Бенкси, која аукциската куќа „Сотби“ планира да ја понуди на продажба деновиве, според тврдењето на британскиот уметник Енди Линк, е украдена од него и се продава илегално. Според „Гардијан“, „Пијаницата“ е одговорот на Бенкси на „Мислителот“ на Роден, но неговиот човек изгледа како некој што по големо количество алкохол клапнал на стол со конус за сигнализација на главата.
Скулптурата се појавила на малиот плоштад покрај авенијата Шафтсбери, во централен Лондон, уште во 2004 година и била поставена без каква било дозвола на градските и урбанистичките власти, како што е случај впрочем и со сите други дела на Бенкси. Набргу скулптурата од постаментот ја „киднапирал“ Енди Линк, уметникот што ја предводи „подземната глобална мрежа на активисти“, под име „Арт Киеда“, чија цел е да ја протресат современата уметност. Тој ѝ го пријавил на полицијата својот пронајдок и барал откупнина од Бенкси, кој, пак, наместо бараните 5.000 фунти, му понудил две фунти за да купи кантичка бензин и да ја запали скулптурата. Линк сепак одлучил да го задржи „Пијаницата“ во својата градина.
Во декември 2015 година тој со својата екипа ја враќа оваа скулптура на првобитната локација, но ја поставува на клозетска шолја со казанче, а на полицијата наводно ѝ пријавил дека некој му ја однел од дворот додека бил отсутен. Кога аукциската куќа „Сотби“ во својот есенски каталог за продажба на дела од современата уметност ја објавила и скулптурата „Пијаница“ на Бенкси, одредувајќи ѝ почетна цена од милион евра, Линк се огласил тврдејќи дека скулптурата е негова.
Во „Сотби“ велат дека имаат законско право скулптурата да ја понудат на аукција и дека контактирале со надлежните во полицијата и со надлежните во регистарот на исчезнати уметнички дела. Во податоците за сопственоста „Сотби“ наведува дека делото е преземено, што значи дека Бенкси или неговите соработници ја презеле скулптурата од Линк. Во каталогот стои и дека делото под нејасни околности е пронајдено во магацинот на „Арт Киеда“. Правните застапници на Бенкси одбиле да коментираат за овој случај, а полицијата тврдела, како што истакнува „Гардијан“, дека не се води никаква истрага за оваа скулптура.