Изложба на впечатливи колажи од Игор Калц ќе биде поставена вечерва, во 21 часот, во кафулето „Министерство“ во Куманово. Игор Калц е дипломиран историчар на уметност, вработен како технички уредник, графички дизајнер и карикатурист во „Нова Македонија“, а со колажот како медиум, авторот се обидува понекогаш на духовит, но почесто на ироничен начин да си поигрува со познати или препознатливи визуелни елементи, ставајќи ги во некоја нова реалност.
– Во делата преку случаен и ненамерен избор на симболи и значења (елементи на еротско, митско, мистично, фантастично, надреално…) се создава неочекувана реалност, во што всушност и лежат магијата и убавината на колажната техника, понекогаш користејќи некои средства или логика што се користат во рекламата и адвертајзингот. Сепак, и покрај тоа што овие дела може да се гледаат како аналитички и критички осврт на секојдневието, нивната првична идеја е да бидат смислен и креиран простор за игра. Преку изместување од претходниот (изворен) контекст на одредени слики и нивна комбинација, со што се креираат нови претстави (портрети, женски акт и имагинарни пејзажи), односно поставување предмети што физички не припаѓаат во одредена визуелна претстава, авторот создава нова реалност, која може да биде некој вид нов современ надреализам, кој се заснова на фигурацијата – се вели во најавата за изложбата.
Покрај изложбата, Калц пред присутните ќе има и свој диџеј-сет. Тој како диџеј е активен речиси една деценија и е дел од скопскиот алтернативен клупски културен живот. Со своите настапи низ многу скопски локали и дискотеки, како и пошироко, познат е по флуидниот звук, составен од техно, даб, хаус, електро и фанк, како и експериментални звуци.