Адвокатската комора со допис го известила судот дека повела дисциплинска постапка пред дисциплински обвинител за адвокатот на обвинетата во „ТНТ“ Елисавета Најдовска, Мерџан Даути, бидејќи со цел да ја одолговлечи постапката побарал да бидат преведени сите списи на албански јазик од 40-ина рочишта досега во предметот.
Судијата Огнен Ставрев го исчита известувањето од Комората, во кое пишува дека за еден адвокат да добие лиценца, треба активно да го знае македонскиот јазик, според Законот за адвокатура.
Судијата Ставрев кажа дека адвокатот кој ѝ го откажал полономоштвото на обвинетата, Димитар Дангов, заедно со обвинетата Елисавета Најдовска и новиот адвокат Мерџан Даути намерно го злоупотребуваат правото за да се одолговлечи постапката.
-Се користеле српски и бугарски зборови во записниците. Јас само го користам моето право што ми го дава Законот за употреба на јазиците – рече Даути по рочиштето.
Рочиштето беше одложено поради тоа што обвинетиот Миле Јанакиески бил повикан во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а не дојде и еден сведок.
Во случајот „ТНТ“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, Елисавета Најдовска и уште тројца други вработени во Општината.
Според обвинението, обвинетите со злоупотреба на службената положба и овластување, поради политичка освета му урнале дел од објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, кој најави дека ќе бара отштета во висина од 40 милиони евра.
Предметот е во завршна фаза.