Знаете ли колку бракови се распаднаа, ако не се распаднаа, тогаш барем сериозно се разнишаа, поради името на новороденчето. Вообичаено е да се дава име на новороденче. Возрасните може да добијат само прекар, скопски „галабија“, а жените ново презиме, евентуално две. Имам чувство дека мојата држава, во чиј главен град сум роден пред 68 години, на ден св. Аранѓел Михаил и во негова чест го добив името во црквата „Св. Димитрија“, од кумот Санде Шајката, тенеќеџија во скопската турска чаршија. Тогаш, во 1950-тите години да си тенеќеџија, со свој дуќан било рамно на приватен стопанственик на средно голема фирма денес. А државата во која јас се родив, допрва ќе се роди и допрва ќе добие име. Ете нова шанса за распад на брак, кој денес чаршиски се нарекува, коалиција. А да се биде кум и да се даде име на новороденче е голема гордост за кумот и голема чест за новороденчето, кое во моментот на крштавањето не разбира ништо и особено неговите горди домашни. Ред е кумот да дарува и дарува, ама и домашните го даруваат кумот. Се прави голема веселба и новото име се регистрира со документ за свето крштавање.
Новороденото името си го носи, од лулка до дупка. Се случува и некој да (ти) го промени името. Ништо страшно, ако си го менуваш името, не значи дека го менуваш и идентитетот. На пример, јас сосема малку ќе го променам моето крштелно име Ангел, со додавање само едно сосема малечко „а“. И ќе бидам Ангел-а. Ништо страшно. Ако се менува името, не се менува идентитетот, само ќе треба да си го сменам полот, да бидам вистинска Ангела. Отсекогаш сум сакал гол-а да влезам во женска бања. Е па, тоа задоволство чини малку пари, ама секогаш се наоѓаат сродни души или добри спонзори. Ама барем ќе го остварам мојот животен сон: од сом ќе се престорам во риба. Ќе исполнувам не три, туку стотици, илјадници желби, на секој што ќе ми посака, особено на спонзорот, за донацијата од сом, да се сторам риба.
Можеби и семејството ќе ме разбере, живеат во 21 век. Ќе си облекувам тесни и кратки сукњички, проѕирни блузички и сите ќе трчаат по мене. Доста трчав јас по сите, капнав. Само едно не ми е јасно: како ќе им објаснам на мајка ми и на татко ми, кога ќе дојдам кај нив, на тој век, дека јас сум Ангела, а не Ангел, нивната гордост, кога се роди, сите што доаѓаа на мекици им посакуваа: ,,Ајде, војник да исчекате да оди, па да го жените!“. Како ќе се појавам во мини-здолниште пред мајка ми и пред татко ми. Абе, сакам да си го сменам името, ама не и полот. А по полот ќе морам да менувам лична карта, пасош. Сите другари ќе ми станат швалери (герм. швалер-љубовник), а сите мои швалерки, ќе бидат лути озборувачки, бидејќи ќе бидам риба од 1,90 см. Оваа моја дилема за промена на полот и името трае подолго време. Првпат ја обележав со карикатура во „Остен“ на 11 ноември 1995 година: две раце, од чии ракави-манжетни може да се прочита грчкото знаме си играат со Рубиковата коцка, на која има две знамиња, од кое исчезнува „уставното“ (со сонцето на Вергина) и се претвора во „новото“ победничко, она конкурс за знамиња, кое беше најуспешната, креативна измислица, на новинарот Шуплиновски, долго од некои нарекувана „вентилаторот“. Во вториот дел Рубиковата коцка содржи букви БЈРМ, кои со превртување на вештите прсти се менуваат во друго име. А ако се смени името, не се менува идентитетот, евентуално само полот.
А таа промена задолжително се пријавува во крштелницата на ООН, овој пат, со два нови, службени јазика. Не знам зошто, но оваа „мелодрама“ ја гледам како пролог (гр. вовед) во драмата ,,последното домино на СФРЈ“ бидејќи РМ е најопасната коцка од тоа домино, заради „околностите“ (околните). Инаку распаѓањето можеше сосема,,природно“ да започне и од југот, СРМ најслабата република на СФРЈ, но „околностите“ (околните) веднаш ќе реагираа, како куче на кое му се одзема коската. Сега по 25 години нештата спаднаа и „околностите“ имаат коска и се некако под контрола (ЕУ-НАТО) и може речиси меко, да падне и последното домино. Или стана здодевно да се негува дете на 27 години, со забавен развој, кое не може само да прооди понатаму. Поминаа 23 години од објавувањето, „Остен“ повеќе не постои, но карикатурата за промена на името е сѐ уште постои.
Продолжив со размислувањата за „разликите“ (промена) на името, кое трае, како што ќе рече мојот помлад истомисленик Ципрас, цели 70 години, а не последните 25, како што ќе рече секоја власт досега, сакајќи себеси да се прикаже дека токму тие го носат крстот (тежината) за „разликите“ (промената) на името. Ципрас вели дека „сакаат да си го вратат тоа што им е земено пред 70 години“. Знае Алексис (гр. предводник), дека во бовчите на бегалците, освен корка леб и некое бебешко парталче, бегалците ги понесоа и својот роден крај и тапиите за потекло од Античка Македонија. Сакаат да ги вратат, ама само бовчите во Античка Македонија, бодејќи децата на децата бегалци, поради носталгија (гр. копнеж) таа Македонија ја инсталираа тука и сега имаме „сијамски близнаци“, кои треба со хируршка интервенција да ги сменат името и полот и да се знае, која е „Горна“, а која е „Долна Македонија“. А промена на име е промена на идентитет. А промена на идентитет, е промена на пол. За тоа е потребен искусен, лиценциран пластичен хирург од ООН, како Нимиц. Но и со највешта интервенција, еден од близнаците или ќе умре или ќе има ,,трајни последици“ за понатаму. Да бегаа протераните од Полог, сега ќе имавме спор за потеклото на тетовски грав, во Античка Македонија, да бегаа протераните од Пелагонија, сега споревме за „тутунот“ во Античка Македонија (инаку на Балканот го донесоа Османлиите). Сега, кога сите во РМ не сме ,,Македонци“, а за да не сме, најпрво не растребија како ориз за пилав.
Хируршката интервенција почна нежно, од далеку, незабележливо, без да почувствуваме уште во 1999 година со ,,милијардата на Циле“ потоа со ,,планот на претседателот Борис Трајковски“. Следуваше миротворниот рамковен договор на 13 август 2001 година. Датумот 13 август е неверојатно трагичен, ама само за – ,,Илинденска Македонија“. Замислете таа ,,Илинденска Македонија“ траела само 10 дена, од 3 до 13 август 1903 година. Но затоа токму тој 13 август 2001 година е светол датум за најновата Македонија, во која сѐ уште ги уживаме мирот и благосостојбата. Сега сите во РМ не сме Македонци, туку има ,,етнички Македонци“ Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби и сите други, пишани, непишани, попишани и непопишани, извадено небаре од ,,Крушевскиот манифест“. Кога веќе свикнавме на хируршки интервенции, ќе помине и оваа. Со опојка (безболно) или без неа (болно) и затоа 2018 г. ја сметам за последна на „оваа“ Македонија. Оваа Македонија, ќе биде последното домино на СФРЈ или ќе биде „мувата во супата“ на ЕУ и НАТО, ќе реши Метју (од гр. Методи-ос) Нимиц и неговите претпоставени. Е па, на нероден Петко име, треба да се даде, куме. Почитувани читатели, дозволете ако се глупираат државници зошто да не го прават тоа и колумнисти.