Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше билатерална средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции на Европската комисија, Димитрис Аврамопулос кој утре ќе учествува и во работниот дел од Министерскиот Форум ЕУ-Западен Балкан на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од регионот.
На средбата со еврокомесарот Аврамопулос, министерот Спасовски, меѓу другото, пренесувајќи ја благодарноста за укажаната доверба нашата земја да биде домаќин на овој значаен собир, ги нотираше низата активности што Владата на Република Македонија ги реализираше изминативе две и пол години, за придвижување на европската агенда на земјата, односно за враќање на земјата на патот на ЕУ.
Притоа Спасовски потенцираше дека се решени непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија, и благодарение на силно изразената политичка волја и мотивираност пред нашата држава и граѓаните повторно стои извесната европска перспектива за полноправно наше асоцирање во ЕУ. Покрај ова министерот Спасовски ја нагласи и важната поддршка од пријателите, членки на Европската Унија во процесот на евроинтегрирање.
Иако недобивањето на датум за преговори за членство во ЕУ на последниот Европски Совет, објективно претставуваше големо разочарување, сепак од страна на еврокомесарот Аврамопулос уште еднаш беше изразена силната поддршка и охрабрување да продолжиме кон остварување на полноправно членство на Република Македонија во ЕУ.