Проектот за ресоцијализација би подразбирал, секако, рехабилтација и ресоцијализација, и тоа уште од самото влегување во затворските установи, како прв чекор за подготовка за успешна реинтеграција по отслужувањето на затворската казна. Но што конкретно би значеле нивната ресоцијализација и реинтеграцијата во македонското општество?
Веста дека во германскиот град Офенбах, во сојузната покраина Есен, пред некој ден бил спречен терористички напад и дека меѓу уапсените три лица, кои се сомничат за поврзаност со џихадистичката организација Исламска држава, првоосомничениот е по потекло од Македонија, повторно во јавноста го актуализира прашањето за македонски државјани учесници во воените конфликти. Колку ги има сѐ уште во редовите на ИСИС низ светот, а пред сѐ на боиштата на Блискиот Исток и во заробеништво во државите од Меѓународната антитерористичка коалиција е прашањето што особено стана интересно откога официјална Анкара почна да ги враќа заробените странските борци на Исламска држава во нивните матични земји. Ваквата постапка турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу ја објасни како предупредување, пред сѐ за европските и балканските држави, од каде што во редовите на ИСИС имаше голем број борци.
– Ви кажуваме дека ќе ви ги вратиме. Започнуваме од понеделник – изјави минатата недела Сојлу за државната новинска агенција „Анадолија“.
Претходно турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека повеќе од 1.150 члена на ИСИС во моментов се наоѓаат во турските затвори.
Анкара редовно ги повикува европските земји да ги преземат своите државјани што се бореле во ИСИС во Сирија, но тие не се подготвени да ги прифатат, пред сѐ, од безбедносни причини и непопуларност на таквата мерка.
Сојлу изјави дека Турција ќе ги врати странските борци на ИСИС во нивните земји, дури и ако тие им ги одземат државјанствата.
Но не е јасно како Турција ќе врати некого во земја на која тој веќе не е државјанин.
Турција, која долго време беше осомничена за ослободување на џихадистите преку својата граница во Сирија, ѝ се приклучи на антитерористичката коалиција во 2015 година, бидејќи таа беше жртва на неколку напади на ИСИС.
Враќањето на борците на ИСИС е сериозно прашање за кое државите треба да имаат јасна стратегија, како тие лица ќе бидат третирани. Во Македонија нема прецизна бројка колку лица заминале од државата, колкумина од нив загинале на боиштата, ниту, пак, прецизна бројка колкумина се вратени и дали има македонски државјани борци на ИСИС во турските затвори.
Неофицијалните бројки, кои се веќе неколкупати јавно спомнувани, се врзуваат за процените дека околу 155 лица од земјава заминале во периодот од 2013 до 2015 година на боиштата во Ирак и во Сирија.
Според неофицијалните информации, државните безбедносни структури имаат некакви процени и анализи за бројот на вратени лица, но она што недостига е официјална државна програма за ресоцијализација на овие лица.
Исламската верска заедница во земјава имаше ваква иницијатива во 2015 година, но оттаму велат дека не наишле на поддршка, ниту од минатата, а ниту и од оваа влада, па затоа проектот не е во реализација.
Проектот за ресоцијализација би подразбирал, секако, рехабилитација и ресоцијализација и тоа уште од самото влегување во затворските установи, како прв чекор за подготовка за успешна реинтеграција по отслужувањето на затворската казна. Но што конкретно би значеле нивната ресоцијализација и реинтеграцијата во македонското општество?
Според Исламската верска заедница, тоа треба да биде процес за враќање во нормалниот и реален живот, вработување, помош за самовработување, доедукација, основање семејство и слично.
ИВЗ до сите државни институции и меѓународни претставници уште во 2015 година испратила програма за ресоцијализација, која претставувала дополнување на она што се предвидува со законот.
Реис-ул-улема Сулејман Хаџи Реџепи, поглаварот на ИВЗ, тогаш истакна дека ИВЗ веднаш ги поддржала измените на Кривичниот законик, според кои одењето во туѓи војни се казнува со затвор. Тој ѝ го презентирал нивниот план и на тогашната француската амбасадорка Лоренс Оер. Во меѓувреме го испратиле планот до сите државни институции и меѓународни претставници од кои чекаат поддршка.
Покрај државата и верските заедници, во евентуалниот иден процес на ресоцијализација на борците од ИСИС, планира активно да се вклучи и невладиниот сектор.
Афродита Муслиу, претседателка на „Нексус – граѓански концепт“, вели дека како невладина организација прават истражувања за да придонесат за поуспешна подготовка на програма за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција (РРР) на борците повратници (БП) од Сирија и од Ирак.
– Во моментов никој реално не работи на ова поле. Досега немало, а и во моментов нема конкретна програма за нивна РРР. Се подготвува нова програма со поддршка од Советот на Европа со Управата за извршување санкции, која би ја опфатила и оваа категорија осуденици, но сепак специфична програма само за нив не е на повидок. За да може да се подготви специфична програма за овие лица, прво мора да се направи истражување за причините и мотивите за нивното заминување и враќање оттаму, за потребата што овие лица ја имаат (образование, домување, вработување и слично), колку семејствата, заедницата и целокупното општество се подготвени да ги прифатат назад – објаснува Муслиу.
Според нејзините сознанија, бројката на осудени борци повратници, регрутери и пресретнати и уапсени на пат кон Сирија и Ирак е 29-30 лица. Тоа се оние што беа опфатени со полициските акции „Ќелија 1“, „Ќелија 2“, и „Ќелија 3“, како и седумтемина вратени во август 2018 година.
– Овие информации веќе подолго време се пишуваат и по медиумите, но колкава е бројката на реално вратени борци не се знае најточно. Има лица што се вратиле и пред да настанат измените во Кривичниот законик, членот 322-а, во септември 2014 година. Важно да се напомене е дека веќе половина од осудените ја отслужиле казната затвор, а и за преостанатите се ближи времето. Но не е познато колку е работено со нив во насока на РРР – додава Муслиу.
Особено значајно, според Муслиу, е што со РРР би се намалила можноста за повторување на делото т.е. рецидивизам. Доколку, како што вели, општеството им даде шанса полесно да се реинтегрираат и да не се стигматизираат дополнително, чувството на припадност на овие лица значително би се зголемило, а со тоа и довербата во институциите и државата.
Бара помош од државата за да се врати од Сирија
Албанската телевизија А2 деновиве престојуваше во сирискиот камп Ал-Хол, од каде што објави и репортажа, во која меѓу другите жени зборуваа и со една што вели дека е од Македонија и која ја повикува државата да ѝ помогне со нејзините деца да излезе од кампот. Во кампот за бегалци Ал-Хол, според телевизијата, престојуваат илјадници луѓе што се сметаат за семејства на борците на Исламска држава. По три часа пребарување низ целиот камп, екипата на телевизијата А2 слушнала гласови на албански јазик, меѓу кои и оној на жената што тврди дека е од Македонија.
– Јас сум Ревајет Шахини од Македонија. Шест години сум тука. Имам шест деца. Ја повикувам државата да нè земе, бидејќи не можеме повеќе да седиме тука, опасно е – вели таа.