Министерството за здравство информира дека вакцинацијата против сезонски грип ќе почне на 22 ноември. Од таму информираат дека се набавени 28.000 бесплатни вакцини за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од шест месеци до пет години, бремени жени, како и здравствени работници.
Дополнително, набавени се и 21.000 комерцијална вакцина од Центрите за јавно здравство.
Од Министерството велат дека првпат, од оваа година се подобрува достапноста на бесплатните вакцини против сезонски грип, покрај 10-те Центрите за јавно здравје, во вакцинацијата ќе бидат вклучени и три поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствен Дом Скопје.
Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот.
Заинтересираните лица можат да закажат бесплатна вакцинација од 18 ноември, преку својот матичен лекар.
Како и во изминативе сезони, велат од МЗ, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во февруари.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека вакцинацијата доцни и прашаа дали е тоа поради наместени, потенцијално сомнителни или криминални тендери.
Од Министерството ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири, како што велат, неточни информации во јавноста.
– Ширењето на лаги стана главната одлика за нивно функционирање, кои внесуваат забуна, недоверба и на штета на пациентите. Сите постапки кои се спроведуваат во Министерството за здравство се законски, во рок, јавни, транспарентни и на увид на целата јавност – се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека лековите се оригинални, квалитетни и не се од паралелен увоз, како што претходно беа набавувани.