Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на вонредните парламентарни избори в година

­Иако Македонија, барем колку што е познато, досега не беше предмет на сајбер-напади за време на избори, сепак, според упатените, потребно е да се преземат соодветни безбедносни мерки за да не се наруши претстојниот изборен процес во земјава закажан за следната пролет. Во истиот контекст, институциите во државава треба да бидат максимално подготвени особено кон проблемот со лажните вести. Веродостојноста на изборите е примарна за институциите. Тие на граѓаните треба да им овозможат општествен амбиент во кој флуктуираат релевантни информации и вести на кои може да им се верува. Во исто време треба да се развијат силни институционални механизми за намалување на изложеноста на граѓаните на лажните вести, па дури и методи за ефикасна борба против дезинформации и лаги. Во периодот што следува избирачите ќе бидат изложени на разни информации и дезинформации, а прашање е колку структурите на власта ќе бидат агилни да ги пресретнуваат таквите информации. Во таа насока е и прашањето колку и самите граѓани ќе бидат способни да проценат што е лага, а што не…

Безбедносниот експерт Благоја Марковски вели дека надлежните во земјава навремено треба да преземат сѐ што е неопходно за да имаме беспрекорно чист изборен процес следната година. Тој ги детектира лажните вести како главна безбедносна закана за идните вонредни избори. Според него, институциите особено треба да внимаваат на проблемот со лажните вести во периодот што следува, бидејќи не само за време на изборниот процес, туку континуирано, земјава е изложена на дезинформирање што внесува немир и збунетост кај граѓаните.

– Македонија треба да биде претпазлива особено кон проблемот со лажните вести и граѓаните треба да бидат претпазливи од каде ја примаат информацијата и каква е таа. Во периодот што следува ќе бидеме изложени на разни информации и дезинформации, но колку структурите на власта ќе бидат агилни да ги пресретнуваат таквите информации во смисла на нивно демантирање и колку граѓаните на Македонија ќе бидат кадарни да проценат што е лага што не, за жал, во овој момент тешко е да се процени – подвлекува Марковски.

Во контекст на обезбедување безбеден изборен процес, и САД динамично подготвуваат низа меки и активности за веродостојност на нивните претседателски избори за идната година. Деновиве официјален Вашингтон соопшти дека планира да го подигне нивото на безбедност и заштита од странските влијанија пред претстојните избори во 2020 година. Како што е наведено, Федералното биро за истраги, Агенцијата за национална безбедност и пет други агенции во САД планираат да воспостават беспрекорно ниво на координација помеѓу сите 50 држави и територии за да се гарантира безбедноста на изборите.

– Нашите непријатели сакаат да ги поткопаат нашите демократски институции, да влијаат врз јавното мислење и врз владините политики – се вели во соопштението од ФБИ.

Според ФБИ, Русија, Кина, Иран и други „злонамерни странски играчи“ ќе се обидат да се мешаат во изборниот процес или да влијаат на мислењето на гласачите.
За потсетување е и дека пред последните избори во Германија, тамошните безбедносни структури предупредија дека би можело да има обиди за дестабилизирање на земјата. Тоа, како што објаснија германските власти, би одело преку сајбер-напади за подобро промовирање на екстремистичките партии. На изборите победи блокот на Ангела Меркел, но изненади неочекувано добриот успех на крајната десница, што за Европската Унија беше сигнал за подигање на безбедноста пред секои избори во земјите-членки на Унијата и поради што таа веќе размислува за формирање нова специјална агенција за сајбер-безбедност.

Во врска со прашањето за евентуално поставување паралели помеѓу мерките за безбедност на изборните процеси во САД и во Македонија, како принципиелни методи и матрици за обезбедување сигурен и веродостоен избирачки процес и резултати, аналитичарот Благоја Марковски не можеше да најде допирни точки во однос на облиците на закана, но сепак напомена дека и САД и Македонија треба да преземат сѐ за беспрекорно чисти изборни циклуси.

– Тешко може да се направи паралела меѓу тоа каков е системот на САД и на Република Македонија и каква е безбедносната состојба кај нив во споредба со нашата. Опасностите што се карактеристични по безбедноста за САД не се загрозувачки за Македонија. Ние немаме проблеми со Иран, Кина, а уште помалку со Русија, што укажува дека ситуацијата во земјава е сосема поинаква од Америка. Сепак без оглед на состојбите што можат да бидат предизвикани во предизборието, Македонија треба да презема соодветни навремени безбедносни мерки за да не се дојде до нарушување на изборниот процес, но и да не се соочиме со какви било опструкции од надворешен и од внатрешен фактор. Во таа насока, потребно е да се зголемат мерките за безбедност во земјава, но не во смисла на тие што Америка ги презема за состојбите кај нив. За нас е од особено значење овој изборен циклус да биде беспрекорно чист, бидејќи секоја аномалија може негативно да влијае врз расположението на членките на ЕУ за доделување датум за преговори – оценува Марковски.


Безбедносен инцидент или технички пропуст, веб-страницата на ДИК се замрзна за референдумот

На минатогодишниот референдум за промена на државното име, официјалната веб-страница на Државната изборна комисија не функционираше на денот на гласањето, што од некои домашни експерти тогаш беше толкувано како сериозен безбедносен пропуст на институциите. Тогаш од ДИК тврдеа дека нивниот систем е целосно заштитен од надворешни сајбер-закани, а претходно и во МВР тврдеа дека тие се целосно подготвени да го заштитат изборниот процес.

[email protected]