Престижната британска етикета „Оникс“ го издаде нajновото самостојно компакт диск-издание на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, насловено „Сказни од Русија“. По големиот успех со наградуваните компакт-дискови на кои Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, под диригентската палка на својот шеф-диригент, маестро Василиј Петренко и Трпчески изведоа дела од Сергеј Прокофјев: два концерта – број 1 и број 3 и Увертирата на еврејски теми, како и концертите за пијано и оркестар број 1 и 2 од Петар Илич Чајковски, Трпчески за својот најнов соло-носач на звук (трет за оваа издавачка куќа) направи внимателен избор од фасцинантна и, како што вели самиот во изјавата за Македонското радио, инспиративна музика од Прокофјев, Мусоргски и Римски-Корсаков.
– Избрани се дела што многу ретко се свират на пијано, еден избор на композиции што се практично пример за тоа колку фантазијата на композиторот може да биде огромна и во случајов инспирирана од сказните, неограничена и апсолутно безусловна. Почнувам со една мала свита за пијано од Сергеј Прокофјев, „Сказните на старата баба“, која покажува исклучителна генијалност во нежноста, интимноста и талентот за мелодија кај авторот, за кого многумина сметаат дека е „поагресивен“. Јас, пак, отсекогаш сум сметал дека тој е еден многу искрен композитор, кој се изразува со детски дух, на детски начин, а оваа негова своевидна посвета на баба му го покажува токму тоа, со сета зрелост и суптилност на неговиот начин на изразување – вели нашиот пијанист.
Другите две дела се практично напишани за оркестар. „Ноќ на Голиот Рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, изобилува со, за тоа време, модернистички сфаќања и заедно со концертната свита „Сказна за Шехерезада“ од Римски-Корсаков во обработка на Пол Гилсон, овој огномет на пијаното од технички аспект носи автентичност на инструментот како „оркестар во мало“.