Алексис Бледел, симпатичната девојка од популарната серија „Девојките Гилмор“, е најопасното име на славна личност за пребарување на интернет за 2019 година, објави фирмата за компјутерска безбедност „Мекафер“. Интернет-корисниците што го впишуваат нејзиното име во алатката за пребарување на Гугл имаат најголеми шанси да завршат на страници што кријат компјутерски вируси.
На второ место на списокот на „најопасни“ се наоѓа Џејмс Корден, водител на вечерна шоу-програма, додека третото место ѝ припаѓа на Софи Тарнер, која на поголемиот дел од јавноста му е позната по улогата на Санза Старк од хит-серијата „Игра на тронови“, чии делови се снимани во Хрватска, претежно во Дубровник. Во првите пет на листата се наоѓаат и Ана Кендрик и Лупита Нионго. Целта на оваа листа е да се истакне опасноста од пребарување сомнителни линкови на интернет.
– Криминалците користат лажни интернет-страници за да ги привлечат корисниците да се изложат на злонамерна содржина. Многу е важно корисниците да научат како да ги заштитат своите дигитални животи од сајбер-криминалците што демнат, така што ќе размислат двапати пред да кликнат на сомнителни линкови или да преземаат сомнителна содржина – истакна Гери Дејвис, шеф за безбедност на клиентите во „Мекафер“.
Минатата година најопасна за пребарување беше Руби Роуз, која глумеше во „Батвумен“.