Десетици илјади противници на излегувањето на Велика Британија од ЕУ демонстрираат денес во Лондон додека парламентот расправа за новиот договор за брегзит.
На една од улиците, група демонстранти со ѕвона врзани за нозете и стапчиња, играле на традиционалниот англиски танц Морис, извикувајќи „Морис, а не Борис“, алудирајќи на премиерот Борис Џонсон.
На други места расположението било помрачно, па така неколку демонстранти биле забележани како плачат. Една жена изјавила дека е многу вознемирена поради можноста да дојде до брегзит.
Британските пратеници во парламентот дебатираат дали да го прифатат предлогот на премиерот Борис Џонсон за Брегзит, на нивната прва сесија што се одржува за време на викенд по 37 години. Во обраќањето пред Долниот дом Џонсон денеска рече дека пратениците треба „да се соберат како демократи за да се стави крај на ослабувачката расправа“.
Нема гаранција дека договорот на Џонсон ќе добие одобрение од пратениците по претходните чекори од тогашниот премиер Тереза Меј која не успеа да ја надимине поделеноста во Долниот дом.
Велика Британија гласаше во јули 2016 година со мнозинство од 52 проценти за напуштање на Европската унија.