ФОТО: Васка М. Младеновска

Општина Битола и Територијалната противпожарна единица од Битола, денес го одбележаа својот јубилеј 182 години од формирањето на првата противпожарна служба во Битола, која е формирана во 1836 година со повелба на Румелискиот валија.

Денот на сите пожарникари со искрени желби за здравје, среќа и успешна работа им го честита заменик градоначалничката на Битола, Емилија Костурски.

Во 1836 година на 20 мај, тука на ова место во Битола, формирана е првата противпожарна бригада на Битола, која воедно беше и прва на Балканот.

-Денес, по цели 182 години го славиме денот на нашите пожарникари, денот на ТППЕ во Битола и во овој момент можам да кажам дека благодарение на иницијативата на градоначалниците од Пелагонискиот регион, обезбедени се 4 милиони денари кои што ќе се искористат за техничко опремување на овие единици. Тоа се пари кои преку Бирото за регионален развој и Центарот за развој на Пелагонискиот регион, ќе се искористат за опремување на противпожарната единица – истакна Емилија Костурски, заменик градоначалник на Општина Битола.

Опремувањето на Територијалната противпожарна единица е од големо значење за зголемување на заштитата на пожарникарите, а со тоа и за нивно безбедно и брзо делување, пред се при гаснење на пожари на отворен простор.

– Ова е голем ден. Единица која што е прва на Балканот, меѓу првите во Европа, која уште повеќе има капацитет да биде на највисоко ниво. Ова што го најавија градоначалничката и заменик градоначалничката е битен елемент за нас, бидејки оваа година, овој грант од Пелагонискиот плански регион ќе се посвети исклучиво на заштитата и подобрување на заштитната опрема на пожарникарите за гаснење на шумски пожари, односно пожари на отворен простор, поради тоа што 50 отсто од пожарите се пожари на отворен простор. За разлика од другата заштитна опрема на единицата, која ни е солидна, согласно европските стандарди, ни недостасуваше овој сегмент на заштита и верувам дека тоа брзо ке се реализира – изјави Костадин Поповски, раководител на ТППЕ Битола.

М.М.