Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) в понеделник, на 14 октомври, со почеток во 12 часот ќе се одржи книжевна средба во чест на Димитар Митрев, на која за неговиот лик и дело ќе говорат писателите и универзитетски професори Јелена Лужина и Иван Џепароски.
На 14 октомври 1919 година, пред точно едно столетие, е роден Димитар Митрев, еден од основоположниците на македонската книжевна критика и теорија, маркантна фигура во историјата на македонската книжевност и култура.
Бил критичар, есеист, полемичар, антологичар, фељтонист, еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија во 1947 година и во неколку наврати негов претседател, професор, декан на Филозофскиот факултет и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. Починал во 1976 година.
– Неговата личност и творештво се вградени во судбинските превирања и поетички потраги во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, низ кои се исцртувала развојната линија на македонската литература. Книжевно-теориските погледи, критиката и стилот на Митрев се неодминливи поглавја во македонската културна историја, но и изворишта на сè уште жива мисла која може да даде своевиден придонес во толкувањето и на некои современи книжевни состојби – велат од ДПМ.