Обединетите нации (ОН) се во дефицит од 230 милиони американски долари и би можеле да останат без пари до крајот на октомври, предупредил водачот на светската организација, Антонио Гутереш.
Во писмото, упатено до 37.000 службеници во ОН, тој навел дека би можеле да бидат преземени дополнителни мерки со цел да се обезбедат плати и други примања.
– Земјите-членки исплатија само 70 отсто од вкупниот износ потребен за нашите редовни буџетски операции за 2019 година. Тоа се претвори во дефицит од 230 милиони американски долари до крајот на септември. Влегуваме во ризична ситуација во која мора да ги намалиме нашите резерви за одржување ликвидност до крајот на месецот – навел Гутереш во писмото.
За да се намалат трошоците, Гутереш споменал мерки, како што се одложување конференции и состаноци и намалување на услугите, притоа ограничувајќи ги службените патувања само за основни активности, како и мерки за заштеда на енергија.