Концертот насловен „Рок концерт перпектива“ ги промовира повеќето музички бендови и солисти од Кичево во вистински наследници на своите претходници. Околу два часа младите рокери им го прикажаа на присутните сето музичко мајсторство. Во своите дваесетина минути за секој бенд , изведоа микс од домашни популарни композиции, до нумери од светски познатите музички групи.
Околу 500 присутни на градскиот плоштад презадоволни си заминаа дома, исполнети од она што им го презентираа нивните помлади сограѓани.
– Иако млади, бендовите од „Рок песпектива“, делуваа како стари музички мајстори и можам да потврдам дека сите композиции беа изведени на автентичен начин, буквално звучеа како да слушаме ЦД. Очекуваме од овие млади музичари да се изнедрат идните ѕвезди од македонската музичка сцена. Добрата посета на овој концерт е најдобра потврда дека нашите сограѓани се гладни за добри забави. Очекувам овој концерт на стане традиција и да се одржува и во наредните години – вели Тале, рок ветеран од Кичево.
Младите посетители по примерот на музичките обожаватели од Запад уживаа во оваа музичка рапсодија на нивните врсници, кичевски рокери.
– Би сакале, не еднаш, туку вакви концерти и свирки, во текот на летото да имаме секој викед, бидејќи ќе се наруши монотонијата и ќе излеземе од летаргијата што е присутна во нашиот град, каде што единствената забава е поврзана со бесконечни седенки по кафулињата – потенцираше група на младите, кои во ритамот на музиката го проследија овој концерт.