По златниот медал за женската репрезентација на неодамнешното ЕП во Истанбул, со најсјајното одличје на континентално првенство во Париз се закити и машката селекција на Србија
Одбојкарите на Србија се новите европски прваци. Тие во големото финале во Париз, предводени од извонредниот Александар Атанасијевиќ (19 поени), ја совладаа Словенија со 3-1 во сетови (19-25, 25-16, 25-18, 25-20). За најкорисен играч на ЕП е прогласен Србинот Урош Ковачевиќ. Ова за Србија е вкупно трета европска круна. Европска титула неодамна освои и женската репрезентација на Србија. Словенија, пак, вторпат во последните три ЕП стигнува до среброто (пред четири години во финалето во Софија загуби од Франција со 0-3). Бронзата ѝ припадна на Полска, која беше поуспешна од Франција со 3-0 (26-24, 25-22, 25-21), што е деветти медал од ЕП.
– Европското првенство пред сѐ беше мошне атрактивно за гледање. Како и на претходното во Полска, имаше неколку изненадувања. Како пријатно, тука би ја издвоил Словенија. Кај нив постоеше едно големо единство, пожртвуваност во играта и, понесени на крилјата на домашната публика, играа извонредно. Но немаа сили да го направат тоа и со Србија. Пријатно изненади и Украина, која влезе меѓу првите осум селекции. Секако, тука би ги спомнал и Македонија и Црна Гора, кои забележаа по две победи, а особено Македонија беше извонредна против Словенија и против Белорусија. Триумфот, пак, на Србија е сосема заслужен. Што се однесува до самата игра, на ЕП видовме мошне добра одбрана, технички перфектна, во која топката на моменти долго време не паѓаше на подот, квалитетен блок и силни смечеви, иако многу се грешеше на сервисите, каде што по секоја цена се форсираше силен удар, но и тоа денес е дел од тактиката – вели одбојкарскиот тренер Јошко Миленкоски.
Ѓоргиев е осми вкупно, но е најдобар смечер според просекот по сет
Никола Ѓоргиев го освои осмото место меѓу 261 смечер на Европското првенство (ЕП) што се играше до неделата во Франција, Словенија, Белгија и во Холандија, но е најдобар според процентот на така освоени поени по сет, според статистичките податоци достапни на официјалната интернет-страница на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Капитенот на македонската репрезентација оствари 93 смеч-поени во 18-те одиграни сета на ЕП 2019. Во оваа категорија прв е Французинот Стефан Боер, со вкупно 131 смеч во 29 сета. Така, просекот на Ѓоргиев е 5,17 смеча по сет, а поголем просек од пет имаат само уште двајца одбојкари (двајцата по 5,14).
ЦЕВ дава и информација за вкупниот број поени во целиот циклус за ЕП 2019, заедно со квалификациите, а на таа листа Ѓоргиев е убедливо прв со вкупно 280 поена на 11 меча и 45 сета (6,22 поени по сет), пред второпласираниот Андре Хесус Вилена од Шпанија, со 198 поена. На таа листа Александар Љафтов е шести, со 159 поена. И на вкупната листа (квалификации и ЕП) меѓу смечерите, Ѓоргиев е прв, со 265 така освоени поени (5,89 по сет, најголем просек на листата на која има 474 одбојкари), а Љафтов е осми со 128.
Според ЦЕВ, на листата со освоени поени Ѓоргиев е 13-ти со 96 поена (5,33 по сет), а прв е Боер со 158 поена (5,45 по сет).
Македонија дебитира на континенталните првенства и го освои 17-то место меѓу 24 репрезентации.
Маџунков е прв според ефикасноста на сервисот
Од другите статистички категории достапни на официјалната интернет-страница на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за Европското првенство годинава, Филип Маџунков е 11-ти според бројот на ас-поени од сервис, вкупно 11. Македонскиот репрезентативец е прв на листата на ЦЕВ на која има 117 одбојкари според ефикасноста на сервисот (појаснувањето на ЦЕВ е дека листата се сочинува според квалитетот на сервисот за секој играч), со 11,11 проценти.