Долгогодишниот ракометен репрезентативец Ацо Јоновски се вклучи во кампањата за помош на ОУ „Јосип Броз-Тито“ во Струга. Тој е тренер-играч во германскиот нисколигаш Ратинген и деновиве спроведе акција за подобрување на условите во училиштето во неговиот роден град.
– Со големо задоволство ви најавувам дека првиот камион со училиштен инвентар (хуманитарна донација) е веќе на пат кон Струга. Морам да изразам благодарност до „Интерактив шуле спорт социалес“ за ангажираноста и за довербата. Се надевам дека ова нема да биде последна акција од ваков вид – објави Јоновски на својот профил на Фејсбук.
Кампањата за собирање финансиски средства за училиштето почна пред неколку седмици, а деновиве донациите треба да стигнат во Македонија.
– Многу работи што веќе не се потребни во Германија, ќе заминат во Струга. Поради тешките околности, учениците во моментот не можат да присуствуваат ниту на настава. Јоновски разговараше со градоначалникот и му објасни дека ова нема да биде еднократна помош, туку одреден степен на одржливост – изјави менаџерот на проектот Бастијан Шлиркамп.