Односите на Европа со САД беа ставени на тест со надворешната политика „Америка на прво место“ на Доналд Трамп

Блумберг

Односите на Европа со САД беа ставени на тест за максимална издржливост со надворешната политика „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп. Но несогласувањата околу авионските субвенции и автомобилските царини што можат да избијат во наредните неколку месеци, би можеле да ги втурнат сојузниците во трговска војна.

Додека трансатлантските односи се влошуваа откако Трамп дојде на власт пред повеќе од две години, се променија и политичките пресметки во ЕУ, со тоа што блокот презеде поагресивен пристап кон САД, како што велат претставниците запознаени со европската стратегија.

– Европа се наоѓа во тесно и мора да возврати. Проблемот е што ЕУ не располага со таква муниција. Блокот повеќе нема опции за добри политики – изјави Хосак Ли-Макијама, директорот на европскиот Центар за меѓународна политичка економија во Брисел.

Обновените тензии меѓу ЕУ и САД би претставувале пресврт затоа што Трамп и Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, лани склучија примирје. Со нивниот договор беше ставен крај на заканата од постојано возвраќање со меѓусебни царини што се должеше на американските давачки за увоз на метали, а доколку продолжат, ќе бидат закана за поголем притисок врз и онака ослабената светска економија.

ЕУ го возвраќа ударот

Тензиите уште траат со тоа што Вашингтон го блокира назначувањето во одборот за жалби во Светската трговска организација (ВТО), поради што во декември органот веќе ќе стане неоперативен, контроверзните американски давачки за шпанските маслинки се закана по европскиот систем за земјоделска помош, а Трамп може да се закани со дополнителни царини за автомобили и автомобилски делови што ќе влијаат врз годишниот американски увоз на патнички возила и лесни камиони вреден 191,7 милијарди долари.

Проблем би биле дополнителните царини за европски стоки вредни речиси осум милијарди долари што се очекува САД да ги наметнат во октомври како реакција на незаконската европска помош за авиопроизводителот „Ербас СЕ“.

Истражувачите Анабел Гонзалез и Николас Вернон во својот труд објавен на 16 септември од страна на експертската група „Бројгел“ од Брисел наведоа дека „за ЕУ, ризикот од конфликт со САД сега е поголем за разлика од пред една година“.

Нова стратегија

Идејата потекнува од желбата на ЕУ за спогодба со Вашингтон околу авионска помош и од загриженоста, од политичка гледна точка, дека блокот можеби не може да си дозволи одложување на чекорите за возвраќање. Напорите на ЕУ да го реши прашањето со преговори не вродија со плод.

Шансите за побрзи европски контрамерки во однос на спорот со авионска помош го одразува европското незадоволство од агресивноста на администрацијата на Трамп генерално во трансатлантската трговија, како што смета еден претставник од блокот.
Идејата е да се искористат и последните правни ресурси за ЕУ да може во најскор можен рок да им возврати на САД, како што смета едно лице кое сакаше да остане анонимно.

Досега не беше донесена никаква одлука, а идејата може да наиде на отпор од некои членки на ЕУ, а особено од Берлин. Освен економската штета, таквиот потег ризикува да го поткопа правото на ЕУ дека работи да го поддржи системот на ВТО што е нарушен од протекционизмот на Трамп.

Преголем ентузијазам

Исходот од претпазливоста на ЕУ во однос на ова прашање може да зависи од новиот лидерски тим на Комисијата во Брисел, извршното тело на блокот и особено од назначениот шеф на трговијата, Ирецот Фил Хоган, кој е актуелен европски комесар за земјоделство.

Ли-Макијама вели дека „сè ќе зависи од ентузијазмот на Хоган. Општата реалност со која се соочува целиот политички естаблишмент во ЕУ е дека не постои вистински апетит на европската индустрија за царини против ЕУ“.

Автор: Џонатан Стирнс

Превод: Билјана Здравковска