Полскиот амбасадор во Обединетото Кралство, Аркадиј Жегоцки, им порача на своите сонародници кои живеат во Британија „сериозно да размислат за нивното враќање во татковината“ по брегзит, со оглед на тоа што продолжува економскиот напредок на Полска, пренесува „Индипендент“.
Жегоцки, кој е амбасадор во Велика Британија од 2016 година, наведе во неговото писмо дека Полска „жали“ за брегзит кој треба да се случи на 31 октомври.
Најновите податоци од Бирото за државна статистика покажуваат дека околу 832.000 Полјаци лани живееле во Обединетото Кралство. Периодов Полска доживува економски бум и нуди добри услови за живот. Поранешната комунистичка држава има постојан висок раст од 4,2 отсто на годишно ниво, кој дури беше стабилен и за време на светската економска криза. Полската економија им се приближува во чекорот на оние од Западна Европа, а нејзиното БДП се предвидува да го надмине португалското.
Во меѓувреме, британската економија се соочува со забавување поради несигурноста околу брегзит и заканата од напуштање на ЕУ без договор.