Секои 40 секунди една личност умира поради извршено самоубиство, пренесува Светската здравствена организација (СЗО) по повод Светскиот ден за превенција на самоубиствата, 10 септември.
Според податоците на СЗО, околу 800.000 лица годишно умираат поради извршено самоубиство, а повеќе од три четвртини од случаите се во земји каде граѓаните имаат ниски или средни примања.
Самоубиството е втора главна причина за смртноста кај младите лица на возраст помеѓу 15-29.
Од Обединетите Нации тврдат дека најефективниот начин да се намали бројот на самоубиства е владата да го ограничи пристапот до пестициди.
Во 2016 година во светски рамки од 100,000 починати, 10,5 лица се самоубиле, додека пак во Европа тоа биле 13 лица на 100.000 починати.
Најпоразителни податоци покажуваат земјите од Источна европа, каде бројките се двојно поголеми од светскиот просек. Меѓу најпогодените се наоѓа Русија, со 26,5 самоубиства на 100.000 смртни случаи, а зад неа се Литванија (25,7 на 100,000) и Белорусија (21,4 на 100,000).
Во Западна Европа, највисока стапка на самоубиство имаат Белија (15,7), Франција (12,1) и Ирска (10,9) на 100.000 смртни случаи.
СЗО изјави дека само 38 земји во светот имаат национални стратегии за спречување на самоубиства.
– И покрај секој напредок, секои 40 секунди едно лице се самоубива – велат од СЗО.
– Смртта е трагедија за семејството, пријателите и колегите, но самоубиствата можат да бидат превенирани. Ги повикуваме сите земји да воведат мерки за превенција на самоубиства во својот национален план за здравство, како и одржливи програми за едукација – додаваат од организацијата.