Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) почнува денеска во Канти-Мансијск (Русија) со учество на 128 играчи од 47 земји. Од овој турнир финалистите ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Магнус Карлсен (Норвешка). На овој Светски куп нема да настапат Карлсен и светскиот шахист број два на листата на ФИДЕ, Фабиано Каруана (САД), а ќе настапат, на пример, Динг Лирен (Кина), кој е прв носител на турнирот, потоа Аниш Гири (Холандија), Иан Непомниачи (Русија), Максим Вашер-Лагрев (Франција), Шахријар Мамедјаров (Азербејџан), Весли Со (САД), Ју Јангји (Кина), Лениер Домингез (САД), Сергеј Карјакин (Русија)…
Турнирот се игра за награден фонд од 1,6 милион долари (110.000 долари за победникот). Се игра според нокаут-систем, во секој дуел по две класични партии (по една на ден), а ако биде нерешено, третиот ден се игра тај-брејк со серија шаховски партии со забрзано темпо.